Розовиот сон се удави во калта на Данела

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Градот заглави во „калта“ поради самобендисаноста и ароганција на Арсовска и нејзината незаинтересираност да го препознае гневот и очајот на граѓаните. И во тој поглед, градоначалничката има голема среќа што сѐ уште не ѝ се случил народ.

Она што веќе подолг период му се случува на Скопје е нешто што ниеден скопјанец не го посакуваше кога својот глас на последните локални избори го даде за Данела Арсовска, надевајќи се дека ќе направи нешто подобро од нејзините претходници, дека градот ќе биде современ, модерен, функционален во сите аспекти неопходни за нормално урбано живеење.

Наместо тоа, добивме град пред распаѓање, со тони ѓубре на секој чекор, со колабиран јавен превоз што ги остави граѓаните да се печат на жештините со часови, не знаејќи како да стигнат каде што тргнале, со неизградени (а ветени) булевари, улици, мостови и со незавршени започнати проекти. Бесплатниот превоз, кој најмногу ги привлече граѓаните, се сведе на – нема превоз.

Розовиот сон за убавото Скопје стана кошмар, во кој граѓаните гневни, револтирани и комплетно разочарани чекаат да се случи чудо и да се најде некој што ќе им го „врати“ нивниот град. Наместо тоа секојдневно стануваат сѐ посвесни дека градското раководство, рамо до рамо со советниците во Советот на Град Скопје не ги есапи и не мисли на нивните потреби.

Арсовска, која себеси се декларираше како врвна менаџерка, за овие три години од својот мандат единствено успеа да се искара со сите, да покажува „мускули“ кон неистомислениците, да се инаети со ВМРО-ДПМНЕ и да менува директори.

И најдобрите познавачи на состојбите во градот и во јавните претпријатија, да ги праша некој кој е актуелен директор, на пример на „Водовод и канализација“, нема да можат да кажат, затоа што првите луѓе се разрешуваат и се назначуваат нови со брзина на светлината. Повеќе од 30-мина се сменети за тригодишното градоначалникување на Арсовска, во некое претпријатие дури по петмина. И да умееше некој од нив нешто да направи, немаше време да покаже што знае.

Во ситуација кога јавните претпријатија се пред распад, им недостасуваат и пари и возила и кадар, а имаат само долгови, тешко дека некој ќе може за неколку месеци да ја промени состојбата.

„Најдобрата“ менаџерка требаше да знае дека нов директор нема да ги поправи работите ако нема ресурси за работа и ако е под строга контрола на градот, дотаму што дури без нејзина дозвола не смее да дава ни изјави за јавноста. Требаше да знае дека доколку не се назначуваат луѓе со интегритет и со стручност за менаџирање, со соодветни квалификации, туку пријатели на пријателите, ќе се случи ова што сега ни се случува во Скопје. И секако требаше да знае, дека за успех треба соработка, треба комуникација, треба да се слушне и мислењето на другите, а треба и толеранција.

Градот заглави во „калта“ поради самобендисаноста и ароганција на Арсовска и нејзината незаинтересираност да го препознае гневот и очајот на граѓаните. И во тој поглед, градоначалничката има голема среќа што сѐ уште не ѝ се случил народ. Па тие разгневени граѓани да ја земат под рака и да ја прошетаат одблизу да го види градот, онаков каков што дозволи да стане во изминатите неколку години. Да го види ѓубрето и да ја почувствува смрдеата, да почека час или два на автобуска станица да пристигне „22-ка“, на пример, а потоа и да се повози со неа на плус 40 без клима. Под услов да не се расипе возилото до крајната дестинација. Можеби тогаш ќе ги разбере маките на своите сограѓани и ќе разбере зошто треба да си даде оставка. Можеби конечно ќе сфати на кое „дереџе“ ги доведе скопјани.

Менувањето директори и обвинувањата до советниците (иако, ќе повторам дека и тие имаат свој удел во хаосот) е само обид на Арсовска да си ја тргне вината од вратот, ако воопшто чувствува вина за мизеријата во која битисува Скопје. Од удобната фотелја, од климатизираниот автомобил и од позиција на сила, состојбите за неа веројатно не изгледаат толку страшно. А којзнае, можеби сѐ уште е убедена дека успешно го менаџира градот?

На скопјани единствена надеж им останува ингеренциите на некои од јавните претпријатија да ги земат општините, како што бараат градоначалниците, а Владата да се погрижи за ЈСП. Толку барем навистина заслужуваат граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот