Розе Мојсовска, уметница: Порано се срамев да цртам со уста, сега сум горда жена

Скромна, позитивна и инспиративна, за уметницата Розе Мојсовска која слика со уста, не постои зборот „не можам“.      

На седумгодишна возраст рацете ѝ биле оперирани, но и покрај хендикепот со кој се соочила, Розе Мојсовска почнала да слика. Имала голема желба да слика, и така, ја зела боичката во уста и нацртала цвет. Вели дека како дете и таа сакала да направи нешто.

– Во Скопје живеев краток период, уште кога се родив докторите видоа дека сум со телесен недостаток, па на моите родители ѝм препорача да ме однесат во болница во Белград. Таму престојував од шестмесечна возраст до својата деветта година. Дали три-четри пати доаѓав дома. После деветтата година, немаше каде да се школувам, па моите родители ме донесоа во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско Струмица, кадешто бев од 1976 до 2019 година. Додека беше мајка ми жива, си одев многу често дома, седев дома и до шест месеци. Но, мајка ми многу рано почина и немаше кој да се грижи за мене.

Да слика учела в училиште, ѝ помагал наставникот по ликовно образование Панче Василевски, кој го препознал нејзиниот талент.

– Во 1984 година, донаторката Сју Рајдер, што помогна да се изгради Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско Струмица, дојде да ја посети установата, ги виде моите цртежи и ме однесе во Италија, во Ватикан. Таму за првпат имав изложба, групна изложба. Подоцна, ја прочитав книгата на Џони Ериксон, која од скок во вода се повредила и останала со телесен недостаток и тогаш сфатив дека не сум единствена која црта со уста. На почетокот, многу се срамев да цртам со уста, нѝ раскажува Мојсовска.

Следувале бројни изложби, а во 2005 година Розе станала член на Светското здружение на уметници кои цртат со уста и со нозе. Сега е стипендист на тоа здружение.

– Во тоа здружение ми помогна професорот по уметност Димитар Малиданов и Војко Гашперут, светски уметник кој, исто така, црта со уста. Поранешната директорка, Наташа Георгиева, ми помогна да одам во Словенија за да ме видат како работам, како цртам со уста. Оттогаш до денес, ми помага мојот ментор по уметност, професорот Панче Горгиев. Секоја година преку здружението „Мобилност Македонија“ посетувам ликовна колонија во Охрид. Таму цртам со познати уметници, а ми помага и професор Зоран Јакимовски, вели Розе.

За Розе цртежот денес претставува дека е секој ден сè подобра, дека и таа е жена која вреди, дека умее на специфичен начин да твори. Оваа жена -борец, освен што слика, пишува и поезија.

Верува дека еден ден ќе стане професионална уметница и ќе биде полноправен член на Светското здружение на уметници кои цртаат со уста и нозе.

– Сакам да станам познат уметник. Сакам да се борам за правата на жените, да помагам, да бидам разбрана, а не да бидам понижувана, не само како жена, туку како борец со посебни потреби, вели Розе.

Најголема радост во животот ѝ донело тоа што како жена со телесен недостаток успеала да нацрта многу слики. Благодарна му е на бога, на бројните пријатели, но и на Тодорка Јамајловска која ѝ помага во облекувањето, ѝ ги става на маса боите и платното. Кога пишува поезија пак, тоа го прави со посебна тастатура која е прилагодена за неа.

За крај на разговорот, Розе нè почести со поезија.

Мој живот

Можам без раце, без нозе, без очи,

дури и срцето да ми го скинат ќе ми биде подобро,

ќе се чувствувам дури и многу поудобно.

Затоа од тие потреби се навикнав.

Јас не зборувам за недостатокот…

затоа што сум научила уште кога сум се родила.

Се навикнав во секоја состојба да го живеам животот.

Знам да молчам без љубов,

затоа што овде на земјата не најдов во никого љубов?

Знам да зборувам за љубов,

затоа што уште се надевам.

Без Тебе не би можела да живеам!

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот