Роверот „Перзерверанс“ се спушти на Марс за да бара траги од живот

Twitter
принтскрин

По патување од речиси 475 милиони километри за шест месеци, роверот со маса поголема од 1 тон, најтежок од сите досега испратени на друго небесно тело, со падобран и со помошни мотори забави од 19.000 километри на час на само 2,5 километри на час за само седум минути и безбедно се спушти на локација во кратерот Језеро.

Марсоодот „Перзерверанс“, најсофистицираниот ровер на НАСА воопшто, синоќа безбедно се спушти на Марс и ја испрати првата фотографија од Црвената Планета на која ќе трага по знаци од живот.

– Здраво плането. Мојот прв поглед од мојот вечен дом – порача во името на роверот тимот на НАСА по најризичниот дел од мисијата на „Перзеверанс“ – спуштањето на Марс.

По патување од речиси 475 милиони километри за шест месеци, роверот со маса поголема од 1 тон, најтежок од сите досега испратени на друго небесно тело, со падобран и со помошни мотори забави од 19.000 километри на час на само 2,5 километри на час за само седум минути и безбедно се спушти на локација во кратерот Језеро. При тој опасен маневар, штитот на роверот 75 секунди во атмосферата на Марс издржа температури од 1.300 Целзиусови степени.

„Перзерверанс“ (Истрајност) е пионер во многу категории. Освен што е најтежок ровер досега, тој е првиот што ќе трага по живот на Марс. Тој го носи првиот хеликоптер испратен на друго небесно тело и е првиот што ќе сними звуци од друга планета.

Неговата мисија е исполнета со задачи во следните неколку години. Роверот со шест тркала прво ќе треба да ја истражи површината на кратерот Језеро, кој всушност е корито од пресушено езеро што постоело пред 3,9 милијарди години. Целта на потрагата ќе бидат микрофосили од древниот примитивен живот што веројатно се развил во езерото и кој останал втиснат во камењата и почвата. Понатамошни мисии ќе треба да ги вратат на Земјата евентуалните вредни примероци што „Перзерверанс“ ќе ги открие во Језеро и ќе ги остави зад себе, спакувани во метални цилиндри.

Хеликоптерот „Инџинуети“ што го придружува роверот повеќе е заради тестирање на технологијата отколку за да му помогне на „Перзерверанс“.

Истражувањата на „Перзерверанс“ ќе може да се следат на електронските портали на НАСА преку интерактивни мапи, а американската вселенска администрација најави дека веднаш ќе ги споделува сите фотографии направени од роверот. Преносите „во живо“ всушност ќе доцнат по 11 минути – времето потребно сигналот да патува од Марс до Земјата.

Кратерот Језеро, кој го добил името според место во Босна и Херцеговина, има дијаметар од околу 45 километри и се наоѓа на северната хемисфера на планетата. Новиот дом на роверот е релативно мал, но за разлика од другите кратери нема рамна и мазна површина, туку е преполн со песочни дини, остри падини, карпи и помали кратери. Утврдено е дека површината содржи глина и карбонати, кои имаат потенцијал да зачуваат остатоци од органски молекули, ако воопшто некогаш постоеле. За научниците интересен е и составот на седиментите од пресушеното дно, особено траги од строматолити.

– Во некои езера при интеракција на микроби и карбонати се создаваат вакви слоеви. Ако видиме некаква слична структура во Језеро, ќе ги насочиме кон неа сите капацитети, зашто тоа може да биде „светиот грал“ на астробиологијата – изјави за Би-би-си фокторката Брајони Хорган од универзитетот Пардју во Индијана, САД.

До овој нерамен терен, спуштањето на роверот го навигираа два специјални система, кои врз основа на направените снимки со итни пресметки решаваа кога точно треба да бидат отворени и откачени падобранот и штитот. Целата операција ја следеше орбитерот „Марс реконесенс“ и испраќаше податоци до Земјата. Овој и другите орбитери околу Марс имаат капацитет да примаат информации од „Перзерверанс“ и да ги испраќаат до контролата на мисијата.

Првата задача на роботизираниот ровер е да испраќа фотографии од своето опкружување, а потоа да ја отвори „главата“ и да ги тестира своите маневарски капацитети пред да тргне во истражување. Специјална екипа во Контролата на мисијата ќе ги провери сите податоци и ќе го обновува софтверот пред воопшто шесте тркала да го задвижат „Перзерверанс“ по нерамната површина на Језеро.

Низ слична проверка ќе помине и хеликоптерот „Инџинуити“ и нема да биде активиран пред да ја почне својата мисија.

– Ова е вистински вонземен момент како првиот лет на браќата Рајт – вели Томас Цурбихен од Директоратот на НАСА за научни мисии.

По десетина дена, роверот ќе го отфрли хеликоптерот од себе и ќе се оддалечи. Малиот хеликоптер, тежок неполни 2 килограма, ќе мора самиот да ги издржи ниските температури на површината и да ги наполни погонските батерии преку соларни панели. Првиот лет, слично на оној на браќата Рајт, би траел едвај 20 секунди. Леталото содржи четири елиси од јаглеродни влакна, соларни плочи, батерии и мотор. Конструкцијата беше голем предизвик за инженерите на НАСА, бидејќи атмосферата на Марс е значително поретка од онаа на Земјата, различна е и гравитациската сила, па хеликоптерот мора да биде истовремено и моќен и лесен за да се крене воопшто од површината. Тој нема да изврши други мисии, освен неколку обиди да се крене и безбедно да се спушти на друга локација.

Освен трагањето по микрофосили, низа инструменти вградени на роверот ќе собираат примероци за да може подобро да се изучи климата и геологијата на Марс, со цел подобро да бидат планирани идните мисии со екипаж до најблиската планета до Земјата.

– Напредните научни инструменти на „Перзерверанс“ не само што ќе помогнат при ловот по фосилизиран микропски живот, туку ќе го прошират нашето знаење за геологијата на Марс и неговата историја, неговата сегашност и неговата иднина – соопшти Кен Фарли, проект-менаџер од мисијата Марс 2020.

Иако долга само 23 километри, патеката што ќе треба да ја помине „Перзерверанс“ ќе биде повеќегодишно епско патување. Роверот ќе се движи со максимална брзина од нешто повеќе од стотина метри на час, што го прави три пати побрз од кој бил друг марсоод.

Притоа тој ќе направи и низа научни експерименти што треба да ги олеснат идните мисии. Инструментот „Мокси“, со големина на акумулатор од автомобил, ќе се обиде да добие кислород со обработка на јаглерод диоксид од атмосферата на Марс, што би помогнало за изградба на бази за идни астронаути, како и за гориво доволно за враќање на вселенски брод до Земјата.

На Марс се наоѓаат уште неколку ровери на НАСА, кои веќе ги завршија своите мисии. „Кјуриозити“ во 2012 година се спушти во друг кратер и на него беа тестирани иновативни технологии за спуштање, кои сега помогнаа за приземјувањето на „Перзерверанс“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот