Роналдо го предлага Зидан за нов менаџер на Манчестер јунајтед

Роналдо смета дека Зидан би бил одлично решение за клупата на „црвените ѓаволи“/Фото: EPA/GERRY PENNY

Французинот Зинедин Зидан е моментно без тренерска ангажман откако во летниот период се раздели со екипата на Реал Мадрид. Зидан одлучи на крајот од минатата сезона да го напушти „кралскиот“ клуб и побара нов предизвик во својата кариера.

Многумина сметаат дека главна цел на Зизу ќе биде да стане нов селектор на француската репрезентација, но тоа би можело да се случи дури после завршувањето на Светското првенство во Катар 2022 година. Моментно е на одмор, се поврзуваше дури и со Њукасл, но веднаш ја одби понудата за преселба на „Ст. Џејмс Парк“.

Наводно, тој е еден од кандидатите за нов менаџер на Манчестер јунајтед бидејќи сè повеќе се шпекулира дека Оле Гунар Солскјер ќе добие отказ од клупата на „црвените ѓаволи“.

Британскиот „Мирор“ објави дека Јунајтед веќе го контактирал Зидан откако тоа им го препорачал Кристијано Роналдо, кој очигледно верува дека францускиот стручњак би бил одличен избор за овој клуб.

Солскјер не ги бележи најдобрите резултати со екипата од „Олд Трафорд“ оваа сезона и доколку тоа не се промени нема да биде изненадување доколку биде отпуштен во следниот период. Но, дали Зидан ќе биде тој што ќе го замени, останува да видиме.

Видео на денот