Романот „Тажниот гостин“ од Матијас Наврат е објавен во едицијата „Читаме заедно“ на „Три“

Издавачкиот центар „Три“ во рамките на едицијата „Читаме заедно“, проект поддржан од програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, го објави романот „Тажниот гостин“ од Матијас Наврат, во превод на Слободанка Поповска.

Трагајќи по смислата и одговорите за суштината на животот и смртта, главниот јунак се бара себеси во непознат простор и полека, дел по дел, ја ослободува својата приказна. Се отвораат прашањата дали можеби во целата празнотија и самотија човек може да заборави на болката или, сепак, треба да научи да живее со неа, зашто таа е дел од животот на секој човек, исто како што се среќата и љубовта, тагата и меланхолијата, целокупното постоење.

Матијас Наврат е германски романсиер, кој во 2012 година се наметна на европската книжевна сцена, а во 2020 година ја доби Европската награда за литература за „Тажниот гостин“, меланхолична книга за современиот Берлин, која му овозможува на читателот да се претопи во неговото минато и да почувствува што е она што останало во сегашноста.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Видео на денот