Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски е објавен на руски јазик

Романот „Фантомско стапало“ од Блаже Миневски излезе на руски јазик во Москва. Преводот од македонски на руски за книгоиздателството „Рудомино“ е на Олга Панкина, темелен познавач на двата јазика и голем популаризатор на македонските културни вредности во Русија.

Главниот уредник на реномираниот руски издавач Центар за книга „Рудомино“, Jуриj Фридштеjн, поет и критичар, човек со огромно искуство на полето на книжевноста, е воодушевен од романот на Миневски.

Во препораката стои дека станува збор за фасцинантна наративна структура која се „исчитува“ на повеќе нивоа, а особено автентичен е раскажувачкиот слој што е препуштен на предметите, растенијата и птиците, со што приказната раскажана однатре, од срцето на самото постоење, го фиксира животот таков каков што тој нѐ помни, а ние сме го заборавиле.

Како што велат во „Рудомино“, станува збор за оригинална иновација која животот го воспоставува, чува и брани од самото срце на постоењето, маестрална проза за постоењето надвор од постоењето, почнувајќи од мајсторските слики па сѐ до начинот на кој се води приказната.

Романот за реалното отсуство и фиктивното присуство е објавен во тираж од илјада примероци, во специјална едиција, многу квалитетно реализирана, во тврд повез и современ ликовно-графички дизајн. Автор на дизајнот е Петр Бем, а на корицата е аплициран фрагмент од слика на македонскиот академски сликар Владимир Темков.

Ова е прва посебна книга на Блаже Миневски објавена на руски јазик, иако тој веќе им е познат на руските читатели од објавениот извадок од романот „Нишан“ (2012) и од неколкуте раскази претставени во книгата „Македонски раскази“.

Преводот на романот го направи Олга Панкина

– Центарот за книга „Рудомино“, кој соработува со огромен број книжарници во Русија, ќе ја обезбеди дистрибуцијата на книгата на големото руско јазично подрачје – изјави преведувачката Олга Панкина, подвлекувајќи дека „Фантомско стапало“ е шести македонски роман што го има преведено во последниве осум години во соработка со Серуската државна библиотека за странска литература, коjа располага со над пет милиони книги, но која и понатаму постојано го пополнува својот книжевниот фонд со дела преведени од други јазици.

Романите на Блаже Миневски, освен на руски, се преведени и на англиски, полски, ерменски, бугарски, словенечки, арапски, кинески, српски и италијански јазик.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 140, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот