Роман на годината: Силна конкуренција за престижната награда

Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ ќе има полни раце работа

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ го почна процесот на доделување на книжевната награда „Роман на годината“, која со текот на годините стана респектибилен и релевантен избор на најдобрите дела од романескната продукција.

Оттаму, Фондацијата извести дека за наградата што ќе биде доделена за најдобриот роман на македонски јазик објавен во текот на 2021 година, конкурирале 39 дела. Жири-комисијата што ќе ги селектира делата во повеќе кругови на читање и на крајот ќе го избере добитникот на „Роман на годината“ за 2021 година е во состав: Владимир Јанковски (претседател), Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).

Жири-комисијата е должна да го соопшти добитникот на наградата најдоцна до 15 март оваа година. Наградата „Роман на годината“, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Видео на денот