Една анакефалеоза за Мисирков и за македонскиот национален развој

александар литовски
Александар Литовски/Фото: Слободен печат

Запленувањето и уништувањето на книгата на Мисирков, како и заканите по неговиот живот од „активисти“ на Организацијата, односно настаните од декември деветстотини и третата, се политичка ликвидација на македонската национална програма за долги години нанапред.

Македонскиот национален развој е процес што е сличен на сите други слични национално-конститутивни процеси. Само е малку – потрагичен! Оти, за сето време се случуваше во услови на посегања од соседите, не само по територијата, туку и по душата македонска. Така, за наша жал, имаме продолжена македонска трагедија, која повеќе од сто и педесет години се влече зад нас и околу нас.

Во еден клучен период, во период на почетно оформување на таканаречениот македонски протонационализам (Хобсбаум), како најважна туѓородна фигура стои пред македонското прашање бугарскиот цар Фердинанд Кобурготски. Стои тој пред македонското прашање, стои тој кнез и цар бугарски, молчаливо и ладнокрвно, стои онака кралски чист, со својата царско-патријахална брада и мустаќи, со неекспресивно, восочно, празно и бесчувствително лице, со рибешките беземоционални очи, со своите негувани нокти на негуваните раце, облечен во својата царска одора, со златни синџири, воени ордени и дијамантски прстени, стои пред македонското прашање и е целосно индиферентен кон пискотниците и лелеците на македонското население. Ги слуша со години, со децении веќе, барањата за слобода на Македонија, но тоа него воопшто не го допира. Како што тие лелеци не допираа ниту до српските и грчките крунисани глави. Сите нив, единствено, ги интересира сопственото „национално обединување“ и заграбување на што повеќе од територијата на Македонија.

За царот Фердинанд Кобурготски, „македонизмот“, кој е автохтона и автентична македонска национална идеологија, е антибугарски и, оттаму, целосно безвреден и неприфатлив. Тој е некаков злобен производ на руската и големосрпската пропаганда. Него, големиот цар што ги обнови Првото и Второто бугарско царство, го интересира само „барањето за автономија на Македонија“ под бугарска воено-политичка контрола, оти тоа е идеја и практична борба која води до присоединување на Македонија кон Бугарија. Сè друго надвор од таа големоцарска и големобугарска експанзионистичка цел е туѓо и непријателско. Упростено кажано, за Царот и неговата политичка, воена и врховистичка камарила, постои само едно националистичко и експанзионистичко клише: Санстефанска Бугарија.

Од таа големобугарска санстефанска фикција, ќе произлезат две-три бугарски национални воени катастрофи, меѓутоа, во свое време, на неа ќе се „навлечат“ мнозина „македонски револуционери“ од организацијата на Татарчев, Матов, Гарванов, Александров и Михајлов. Тоа е причината на трагичната македонска поделба на централисти и врховисти. А, тоа е и главната причина што македонскиот политички сепаратизам од почетокот на дваесеттиот век, нема, правовремено, да израсне во национален, па Македонците, до ден денешен, ќе имаат проблеми со големобугаризмот и врховизмот во сопствената средина и во својот македонски национален развој.

Имено, со право се зборува и се пишува дека појавата на „За македонските работи“ од Крсте Мисирков во Софија во деветстотини и третата е најјасен израз на македонскиот национален сепаратизам, кој долги години претходно се развиваше и кларифицираше низ македонската политичко-национална мисла. Но, настаните што се случуваа по излегувањето од печат на оваа круцијална книга за македонскиот национален развој, се исклучително важни за разбирање на целата идна „македонска трагедија“. Оти, може да се каже без да се погреши, дека настаните од декември деветстотини и третата се политичка ликвидација на македонската национална програма за долги години нанапред. Тие настани, односно запленувањето и уништувањето на книгата, како и заканите по животот на Мисирков од „активисти“ на Организацијата македонска, го елиминираа човекот што го продолжи националното дело на Ѓорѓи Пулевски, односно човекот што на преминот на двете столетија, осмислено и бескомпромисно, водеше научно-истражувачка дејност и национална политика против мистификациите на соседните големодржавни пропаганди и за конституирање и афирмација на одделниот македонски национален идентитет.

По тие настани, како што се знае, Мисирков емигрира во Русија, а ВМОРО, со одредени исклучоци, пред сè, во оној дел што се именува како „левица“ и „санданисти“, се фузира со Врховниот комитет и директно и нескриено се стави во служба на бугарската политика кон Македонија. Функција што најјасно беше видлива за време на Балканските и Првата светска војна со директното вклучување во бугарската царска армија, но доволно видлива и во периодот меѓу двете големи војни кога, преку наводната „борба за независна Македонија“ ја водеше бугарската битка за ревизија на Версајскиот договор и поместување на границата на Бугарија на запад.

И, ако синтагмата „македонска трагедија“ може со нешто да се илустрира во тој предасномски период, тогаш тоа, сигурно, е оваа опишана епизода со Мисирков од декември деветсто и трета, оти таа е „идеално“ македонска, во смисла дека е своевидна катарза на чистата македонската национална мисла преку печатењето на книгата која ќе го осветлува патот на идните поколенија национални македонски борци, а истовремено и страшен политичко-национален пад, бидејќи нејзе и нејзиниот автор, ги уништуваат оние кои, наводно, се борат за слободата и  автономијата на Македонија.

Попатно кажано, оправдувањето на ваквиот антимакедонски чин, бугарските националисти и пробугарските македонски врховисти го прават преку обвинувања дека Мисирков е велепредавник што работи за српски интерес и платен руски конфидент. Слични во својата произволност, лажливост и глупавост се и денешните големобугарски инвекти кон македонизмот и македонистите.

Во наредните години единствено низ санктпетербуршките и одеските улици се јавува и егзистира вистинското и неизвалкано македонство. Скоро сето останато, повторно со одредени индивидуални исклучоци и револуционерни струи како серчаните на Сандански, што само себе се „продаваше“ за македонска борба, до триесеттите години на дваесеттиот век беше во интерес на соседните големодржавни проекции. Таа дезилузија ние Македонците, кога-тогаш, ќе мора да ја проживееме, иако е многу болна, бидејќи треба да ни сруши многу наши „револуционерни“ митолошки претстави. Како и кога ќе го направиме тоа, е прашање што е дел од нашата сегашна и идна национално-политичка свест, односно зависи од нашиот однос кон она што историски се нарекува македонско национално прашање.

Се знае, како и денес, така и во минатото, при решавањето на кој било сегмент од македонското национално прашање соседните балкански држави на Македонија, заедно со нивните странски ментори, редовно одговараа со жестока националистичка пропаганда и вооружени конфронтации на македонска почва, но и терористички ликвидации низ европските и светските метрополи.

Денес, повторно мора да се спротивставиме на антимакедонските закани и уцени што ни се случуваат од фашисоидната бугарска политичка елита, поддржана од неонацистите низ Европа преку борбеност, мудрост и непоколеблива одбрана на македонското национално достоинство. Оти, реално, само така можеме да продолжиме со нормалниот македонски национален развој и со изградба на македонската држава, која ќе биде по мера и во корист на сите нејзини граѓани.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот