Рохани: Посетата на ирачкиот премиер на Техеран е пресвртница во нашите односи

Тој денеска, исто така, ќе се сретне и со иранскиот Врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Иранскиот претседател Хасан Рохани оцени дека денешната посета на новиот ирачки премиер Мустафа ал-Кадими на Техеран претставува пресвртница во односите меѓу двете соседни земји и вети континуирана поддршка за Ирак.

-Сигурни сме дека посетата ќе биде пресвртна точка во односите меѓу двете земји. Ние остануваме подготвени да бидеме со ирачката држава и да работиме на стабилноста и безбедноста во Ирак и во регионот, рече Рохани по средбата со ал-Кадими.

Ал-Кадими, на кого посетата на Техеран му е прва од почетокот на мандатот во мај, на иранскиот претседател му кажа дека Ирак „нема да дозволи никаква закана за Иран од нејзината територија”.

Иран го смета американското воено присуство во Ирак за закана.

Ал-Кадими, исто така, изјави во Техеран дека ирачката надворешна политика се темели на „рамнотежа и избегнување било какви групирања” и дека Багдад сака да ги подобри односите со Иран „темелени на немешање во внатрешните работи на двете држави”.

Тој денеска, исто така, ќе се сретне и со иранскиот Врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи.

Ал Кадими вчера требаше да ја посети Саудиска Арабија, земјата која е најголем регионален ривал на Иран, но тој го одложи своето патување во Ријад затоа што Саудискиот крал Салман беше хоспитализиран.

Посетата на Ал Кадими на Техеран следи по посетата на шефот на иранската дипломатија, Мохамед Џавад Зариф, на Багдад во текот на викендот. Тоа беше прва посета на Зариф на Ирак откако САД во јануари, во близина на Багдад,  го убија високиот ирански функционер, генералот Касем Сулејмани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот