Родното сонце, состругано од канализациските шахти

И по 28 години независност, во која времето ни ги исполнија безброј транзициски талкања и егзистенцијални политички кризи, ние сѐ уште се препелкаме во основните прашања за постоењето на македонската држава. Ќе нѐ биде или не? Нѐ бива ли воопшто за домаќинско управување со сопствената држава или немаме „критична маса“ за тој луксуз?

Интересно е дека овие инфантилни дискусии – што повеќе се сведуваат на кафеанска кавга, а не на суштинска дебата – сѐ уште го исполнуваат јавниот политички простор исто колку што го одржуваат шумот што ечи целово ова време низ чаршијата. И, за жал, ние сѐ уште се тетеравиме без одговор на овие прашања, дури и без трошка умна и домаќинска размена на мисла, макар јасна филозофска или барем здраворазумска идејна рамка што ќе ја овозможи реализацијата на нашите темелни уставни вредности во реалниот живот.

Вечни принципи на државата

Тие основни начела што ја чинат срцевината на постоењето и на одржливоста на една држава се, меѓутоа, познати уште од пред безмалку два и пол милениума, од времето на големите антички гении Платон и Аристотел. А, нивните едноставни и вечни принципи за државата, смислата на нејзиното постоење, принципите на нејзиното управување, оправданост и одржливост, се учат и – за жал! – веднаш се забораваат, во сите гимназии и универзитети во библиската земја, како и во целиот свет.

Според Аристотел, државата го оправдува своето постоење само ако ја остварува функционалната еднаквост на своите граѓани, ако придонесува за општото добро и за еднаквото остварување на индивидуалната добробит на граѓаните. Државата мора да ја обезбеди праведноста во односите, животите и распределбата на доброто помеѓу сите свои граѓани. А, праведноста, според двајцата антички гении, е доброто на другиот. Значи, во темелот на државата, во самата нејзина смисла, мора да биде вградено – како најважно од сите! – моралното начело за универзалната праведност која се реализира како „грижа за доброто на другиот“.

Во својата „Политика“, Аристотел инсистира дека „луѓето се по природа еднакви“ и дека според тоа сите имаат еднакво право на добробит (или како што Џеферсон подоцна тоа го нарече „среќа“). Заемната грижа за доброто на сите е, значи, практичната реализација на нивната природна еднаквост. Овој принцип треба да го генерира поредокот според кој ќе функционира државата што својот суверенитет го темели на еднаквоста на своите граѓани. Поради тоа, со државата мора да владее начелото, законот, а не некој човек, или група на луѓе, зашто, во спротивно, секој човек, група или организиран државен апарат ќе се претвори во тиранија.

Овие начела се „алфа и омега“ на денешните напредни устави и од нив се деривира најчесто спомнуваната темелна вредност на нашиот Устав, онаа од членот 8 став 1 алинеја 3, за владеењето на правото, токму таа што најмногу ја ништевме и кршевме во времето на вмровската катастрофа. Попусто пишувале и Аристотел и неговиот учител, попусто стојат овие зборови врежани во нашиот најважен правен и државотворен акт, кога и денес – цели две години откога се ослободивме од тиранијата – владеењето на правото не е можно, не затоа што и новата власт е тиранска, туку затоа што целото законодавство според коешто владее е противуставно, зашто е донесено од вмровската тиранија.

Државата и Законот за даноци од имот

За пример, почитувани читатели, веќе ви го анализирав Законот за даноци од имот. Целиот закон е спротивен на гореопишаните морални принципи на праведност, грижа за другиот, заштита на добробитта на секој граѓанин и владеење на правото. Според законот, секој сопственик на недвижност е обврзан да го плаќа данокот, кој изнесува 0,1 насто од пазарната вредност на имотот. Но, иако основен принцип на јавните давачки е дека тие мораат да бидат уредени со закон, во овој закон износот од 0,1 насто не одредува ништо, зашто „пазарната вредност“ на имотот потоа се одредува административно (што е оксиморонски апсурд: пазарна цена што се одредува со управен акт од затворена соба?!), значи, произволно, со комисии и проценители, ѓоа според методологија, но секогаш нереално, паушално и на штета на странката.

Откога „пазарната вредност“ на имотот ќе се одреди од рака, се издава решение кое обврзникот мора да го плати во законскиот рок. Потоа, од членот 26 до членот 95, практично во целиот закон, се уредува наплатата, присилната наплата и казнените одредби за прекршителите на законот. Во сите овие членови е уредено непреченото насилно наплаќање на данокот, поткрепено со општоважечкиот принцип дека ништо, никаква жалба или тужба, не може да го одложи извршувањето. Насилното извршување го напаѓа и уништува имотот на обврзникот, а со тоа го уништува и неговиот живот.

Еден единствен канал, светла точка во тунелот, за заштита на правата, имотот и животот на обврзникот, напишана во еден беден став, е можноста незадоволниот обврзник на решението за данок да поднесе тужба на Управниот суд, која, се разбира, не го одложува извршувањето на решението. А, Управниот суд, кој според членовите 1 и 2 од Законот за управните спорови, постои само за да им даде правна заштита на граѓаните против поединечните акти на органите на државната управа, откога ќе ја прими и уредно заведе тужбата, ќе му прати допис на тужениот државен орган да се изјасни по предметот и потоа чека, до крајот на времето, одговор кој никогаш не го добива! Нормално, државниот орган никогаш не одговара на дописите на судот! И така, тужбата не го одлага извршувањето, а управниот суд трупа илјадници тужби во архива – на вечно чекање, додека граѓаните се оставени да тонат во мизерија, без каква и да е правна заштита од моќната челична тупаница на сопствената држава.

Чекајте, а што е со темелните вредности на уставниот поредок за владеењето на правото и правната заштита на сопственоста? А, каде е Аристотеловата „праведност“ и „грижа за добробитта“ на секој граѓанин? Но, тоа се неважни прашања што не можат да ѝ го свртат вниманието ни на политичката елита, ниту на чаршијата. Конечно, од какво значење е животот и имотот на еден човек, кога името ни е во загроза или кога сонцето ни го стругаат од канализациските шахти?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот