Роднина на кралицата Елизабета осуден на 10 месеци затвор за сексуален напад

Profimedia

Грофот од Страмор, Сајмон Баус-Лион (34), роднина на британската кралица Елизабета, вчера е осуден на 10 месеци затвор за сексуален напад врз жена, која била гостинка во неговиот замок во Шкотска.

Претходно тој признал сексуален напад врз 26-годишна жена во февруари минатата година во замокот Гламис, каде што детството го поминала и мајката на кралицата Елизабета. Грофот тогаш организирал ПР-настан, на кој, меѓу гостите, била и неговата жртва.

Пијан упаднал во спалната соба на жртвата

Несреќната жена и ден-денес има кошмари по нападот што траел 20 минути кога Баус-Лион влегол непоканет во нејзината соба и почнал несоодветно да ја допира, обидувајќи се да ѝ ја соблече ноќницата. Пијаниот гроф се обидел да ја принуди на сексуален однос. Тој во вечерните часови агресивно упаднал во нејзината спална соба и почнал вербален и физички напад над жртвата, а кога таа конечно успеала да го избрка од собата, се заклучила и дополнително се забарикадирала со помош на столови. Кога помошта пристигнала, жртвата сè уште се тресела.
Судијата рекол дека е јасно дека жртвата не му дала ниту трошка надеж на напаѓачот дека сака да има сексуален однос со него.

Му се заканувале пет години затвор

Баус-Лион се соочувал со пет години затвор, но добил полесна казна кога неговиот адвокат Џон Скот го потсетил судот дека „грофот покажал вистинско каење“. Напаѓачот веднаш ја признал вината пред судот минатиот месец, неколкупати ѝ се извинил на својата жртва и изразил жалење, велејќи дека се срами од своите постапки што предизвикале таков стрес кај неговата гостинка, објави весникот „Мирор“. Тоа влијаело на намалувањето на казната затвор.

Многу се срамам од своите постапки што предизвикаа вакви проблеми. Кога сфатив што направив, брзо ѝ се извинив на жената. Денес повторно се извинувам со сето свое срце. Длабоко жалам за моето однесување и вознемиреноста што ја предизвикав – рекол грофот откако ја признал вината.

Јасно ми е дека пиев премногу ноќта на инцидентот. Како некој кој е добро свесен за штетата што може да ја предизвика алкохолот, требаше тоа подобро да го знам. Во секој случај, знам дека алкохолот не е оправдување за моето однесување – рекол Баус-Лион.

Грофот, исто така, рекол и дека побарал стручна помош поради своето однесување.
Баус-Лион е ставен на списокот на сексуални престапници на 10 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот