Родната реа, блиска, незаборавна

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Ако ја здогледате оваа апсурдна слика исполнета со уште поужасната нормалност на градската река што тече околу неа, вие можете да бидете сто отсто сигурни дека сте во Скопје, дека сте блиску до дома, и дека чувството на загубеност можете да го замените со утешен и безбеден спокој.

Замислете ја – за кратење на долгото време – кошмарната ситуација да се наоѓате во град што ви се чини дека го познавате, но на некој чуден и вознемирувачки начин, толкупати доживеан во тегобен сон, не можете да препознаете ниту еден единствен познат и близок детаљ околу вас. Талкате по градот, кој, инаку, изгледа исто како и вашето родно Скопје, но, не, не можете да се ориентирате каде сте, и дури некако и не сте сигурни дали воопшто се наоѓате во својот град?

Како во здодевен и развлечен сон во кој практично ништо не се случува, освен тоа задавувачко чувство на изгубеност и претпанична растревоженост, која потоа, на јаве, ќе ве гмечи цел ден со чувството на длабока истоштеност. Еве ви неколку практични совети како да излезете од тој кошмарен полусон, што ве врти во круг по улици што како да ви се блиски, но никако не можете да ги препознаете.

Зграда заринкана на улица

Елем, ако сте пешак, и талкајќи по улиците налетате на стара централно градска улица, изградена густо со градски куќи и згради од двете страни, што е украсена со два прекрасни дрвореда од диви костени, засадени по рабовите на длабоките шестметарски тротоари од двете страни, и забележите нешто што очигледно сите го доживуваат како нормално, но воедно е тотално изопачено, имено, дека пешаците – млади мајки што буткаат колички со бебиња, пензионери со ќесиња во рацете, групи млади луѓе што весело џагорат, со еден збор, граѓани од сите фели – всушност одат по коловозите од улицата, разминувајќи се ладнокрвно со моторните возила, додека тротоарите се сто отсто заземени од паркирани возила, и тоа паркирани под прав агол, како да сакале да зафатат најмногу од тротоарот што воопшто е можно, а, да биде уште поневеројатно, здогледувате дека овој апсурд е всушност регулиран со исцртани бели линии што означуваат демек официјални паркинг-места и, конечно, дека тоа апсурдно и криминално паркирање градските власти го уредиле со пропис, и наплаќаат и интервенираат со „пајаци“ кревајќи ги возилата не затоа што се паркирани попреку целиот тротоар, туку затоа што не платиле за тоа… е, тука можете да здивнете, почитувани читатели, зашто вашите маки тука завршуваат: вие сте сигурно во родното Скопје!

Или, талкате вие така по централноградски улици, и пак наидувате на ситуации да морате да слезете од тротоарот на улица, зашто напати целиот тротоар е зафатен со некакви мистериозни приземни градби, солидно изградени – со столбови и кровна конструкција – и како по правило со големи стаклени ѕидови што тргнуваат од зградите на околниот уличен фронт, па попреку тротоарот небаре до самиот рабник, поставени безмалку без исклучок на здрави платформи што се издигнати од тротоарот, а кога ќе погледнете внатре, во овие чудни зданија изградени како никаде на друго место во светот – на тротоар, безбели на свето пешачко земјиште што е општо добро, здогледувате куп луѓе како уживаат во конверзација, пиење и јадење, па здогледувате и дека тука владее и една освежувачка слобода во која е дозволено пушењето и, претпоставувам од љубопитност, влегувате внатре и прашувате како е тоа дозволено пушењето во затворени простори, а сите ви одговараат со израз на онаа љубезност со која се упатува странец што се загубил во непознат град, и ви велат дека пушењето е дозволено затоа што се тоа всушност отворени тераси на околните кафани, и кога ќе почувствувате дека апсурдот ви прави згрчени брчки на лицето, а луѓето околу ве гледаат сочувствително и кимаат со главите, гледајќи шутрак што ѝ се чуди на нивната нормалност… е, во тој момент можете да бидете сигурни дека сте во Македоња, блиска и родна, сосем безбедни во својот роден град.

Или, доколку во кошмарната прошетка во која тргнавте без некоја логична причина – како што рековме на почетокот – за прекратување на долгото време, наидете на практично потполно надреална ситуација, што си мислите не може да се случи во стварен град туку само во соништа во кои тотално изместените ситуации се доживуваат како нормални, и тоа е една сосем исчашена слика на куќа што седи среде булевар… добро, лажам, не легнала среде, туку пресекла еден цел тротоар од булеварот и му се истурила со предницата на коловоз, како да тргнала да ја преминува улицата и се заринкала во првата активна коловозна лента, но тоа и не е најчудното во сликата, туку – бидејќи лежи врз целиот тротоар – пешаците мора да излезат на коловозната лента за да ја заобиколат во булевар заринканата куќа, при што – внимавајте на овој веќе сосем буњуеловски артистички детаљ – градските власти ја исшпартале улицата да биде ѓоа пешачки премин, та околу преминот насадиле во асфалтот – среде активна сообраќајна лента! – метални столпчиња што уредно ги пребојуваат со живи бои – иако се секогаш свиткани или откорнати од возилата што удриле во нив и, велам, ако реките од граѓани – пешаци и возила – течат околу оваа апсурдна зграда заринкана во булевар, мирно и постојано, за сите времиња, како река околу карпа, ако, значи, ја здогледате оваа апсурдна слика исполнета со уште поужасната нормалност на градската река што тече околу неа, вие можете да бидете сто отсто сигурни дека сте во Скопје, дека сте блиску до дома, и дека чувството на загубеност можете да го замените со утешен и безбеден спокој.

Како во сон

Или: пак сте во улица што очигледно е некаде блиску до центарот на градот, го чувствувате тоа по изградениот уличен фронт и толпата граѓани од сите возрасти како мрдаат наваму и натаму, секој по своја работа и, гледајќи високо во лицата што го движат овој градски паноптикум, се удирате со ногата жестоко во нешто тврдо, стамено, неподвижно и остро, се спружувате на гнасниот уличен под и здогледувате дека всушност и на тротоарот и на коловозот од улицата се поставени бетонски објекти со различни форми, некои направени од стари за’рѓани канти за сирење во кои е излиен бетон, други ќе да се повторно од бетон излиен во стари канти од боја, во некои пригодно е втисната некаква метална цевка, колку да можете да го „збогатите“ доживувањето со паѓањето наземи доколку патем се наденете и на острата шипка, и сите тие бетонски експонати како да оградуваат парче фасада на која пишува „Не паркирај – бушам гуми“, што очигледно ја напишал сопственикот на тротоарот и на улицата, со чувство на праведничка разгневеност… елем, ако ја проживеете оваа градска згода – во замислениот соновен експеримент, се разбира, со работен наслов „Како во сон да го препознаете родниот град“ – и не се возбудите воопшто, вие и на сон веќе сте ја осетиле реата на вашиот роден град и сте застанале на цврста почва, та мирот може да ги истисне тегобните чувства од траорните соновни талкања во кои ве вовлеков. Вие сте дома.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот