Родителите во паника: Се разболуваат и наставници двапати вакцинирани!

Македонија училиште ученици наставник професор
Настава во време на пандемија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Две наставнички од основно училиште во Скопје се заразени со коронавирусот и се во домашна изолација. Наставничките биле вакцинирани со по две дози од вакцината „Спутник“.

На само неколку дена пред почетокот на новата учебна година со физичко присуство, училиштата се соочуваат со многу предизвици. Имено, како што дознаваме, во едно основно училиште во Скопје, две наставнички што држат одделенска настава се заразиле со ковид и во моментов се во домашна изолација. Наставничките биле вакцинирани со по две дози од руската вакцина Спутник.

– Секако дека не ни е сеедно, ризикот постои. Си се видел со колегите, си зборувал со нив мислејќи дека е безбедно, бидејќи сите се вакцинирани. Но, се повеќе гледаме дека се случуваат и вакви работи. За среќа, се уште не се оди во училиште. Јас исто така имам примено две дози вакцина, но се плашам за здравјето. Не верувам дека вирусот може така лесно да се прошири, бидејќи наставниците сепак се вакцинирани. Уште кога министерката Царовска кажа дека учебната година ќе започне со физичко присуство, знаевме дека тоа е еден од ризиците што многу е веројатно дека ќе се случат – вели колега на заразените наставнички.

Владата одлучи учебната година од септември да почне со физичко присуство во основните и средните училишта, а наставата да се држи под здравствени протоколи.

Извори во Министерството за образование неофицијално ни кажаа дека училиштата во вакви случаи треба да постапат по однапред одредени протоколи. Министерката за образование Мила Царовска изјави дека според неа бројката на вакциниран кадар во образовните институции е задоволителна.

– Во образовниот систем, вакцинирани се 69 проценти од наставен, ненаставен кадар, технички помошен кадар, што е двапати повеќе од националниот просек. Исто така, имаме општини и училишта каде процентот на вакцинација на наставниците и другиот технички кадар е над 90 отсто. Што укажува дека одговорноста и свесноста кај наставниците е на многу високо ниво и така и треба да продолжи – изјави Царовска.

Родителите во меѓувреме се групираат на социјалните мрежи и бараат наставата да биде онлајн по избор на родителот. Други инсистират наставата да биде онлајн за сите, бидејќи се плашат за здравјето на своите деца, а не сакаат тие да се чувствуваат исклучени ако ја следат наставата од дома. Инаку, исклучок од наставата со физичко присуство ќе им биде дозволен на оние родители што ќе поднесат барање до училиштето, во кое ќе наведат како причина една од трите опции: детето е со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронично болни членови на семејството или други немедицински причини. Училиштето е тоа кое има авторитет да го одобри или одбие барањето. Најспорен е делот „други немедицински причини“, каде што е оставено родителите и училишните авторитети  да толкуваат и да се убедуваат меѓу себе за тоа која причина е оправдана, а која не.

Поради високите бројки на заболени од ковид во Општина Тетово, градоначалничката Теута Арифи побара од Министерството за образование почетокот на учебната година во првите три недели во тетовскиот регион да започне со онлајн настава.

Д-р Никола Пановски, микробиолог и поранешен директор на Фондот за здравство, смета дека премногу ученици во едно одделение тешко можат да држат дистанца и да ги почитуваат протоколите.

– Ризик е да се започне учебната година со физичко присуство, бидејќи има многу луѓе кои не се вакцинирани, вели Пановски.

Министерот за здравство Венко Филипче ги повика младите на масовна вакцинација, а посебно родителите чии деца почнуваат во училиште или градинка.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот