Родителите среќни за крајот на он-лајн учебната година: Се надеваме дека од септември учениците ќе се вратат во училишните клупи

Покрај средношколците, на новиот ритам на учење и оценување во последната третина од учебната година мораа да се прилагодат и основците, чии родители исто така сметаат дека за нивните деца подобро би било враќање на наставата во вообичаениот тек, но само доколку се обезбедат адекватни услови за тоа.

Денеска е 10 јуни и вообичаено ова е денот кога учениците за последен пат во актуелната учебна година ги посетуваат школските клупи, кои сепак оваа година останаа празни уште од 11 март поради пандемијата со коронаврусот.

Наставата продолжи он лајн, што беше голем предизвик како за учениците, така и за самите професори, но и за родителите, кои во овие услови посветуваа повеќе внимание при учењето со своите деца.

Покрај тоа што најтешката учебна година веќе е зад нас, останува неизвесно на кој начин ќе се продолжи од септември, бидејќи коронакризата во земјава и натаму не стивнува.

Дел од родители на ученици од основно и средно училиште се оптимисти, односно веруваат дека нивните деца веќе од септември ќе се вратат во училишните клупи и дека ситуацијата дотогаш ќе се стабилизира.

– Последните три месеци беа многу конфузни и тешки за учениците. Моето дете е средношколец и успеа некако оваа учебна година да ја надмине и покрај несекојдневната ситуација, но јас лично верувам дека од септември се ќе се врати во нормала. Точно е дека во последните денови повторно имаме голем број на заболени од вирусот во земјава, но мислам дека тоа нема да трае уште долго. Како родител сметам дека он лајн наставата не е на потребното ниво, па затоа за секој кој е вклучен во овој процес е најдобро наставата од септември да се врати во нормала – вели за „Слободен печат“ мајка на средношколец од скопската гимназија „Никола Карев“.

Покрај средношколците, на новиот ритам на учење и оценување во последната третина од учебната година мораа да се прилагодат и основците, чии родители исто така сметаат дека за нивните деца подобро би било враќање на наставата во вообичаениот тек, но само доколку се обезбедат адекватни услови за тоа.

– Доколку епидемијата го загуби замавот и се обезбедат адекватните услови за продолжување со настава во училниците, тогаш сметам дека тоа би било најдобро за децата. Мораме да внимаваме, он лајн наставата навистина е тешка, во последните три месеци заедно со сопругата постојано му помагавме на нашето дете при учењето и тоа не секогаш одеше лесно, но доколку ситуацијата не се подобри, тогаш сепак би било побезбедно и од септември да се продолжи вака – вели Стојче Ристовски, родител на ученик од седмо одделение во ОУ„Кочо Рацин“ во Петровец, Скопје.

Иако Ристовски е за продолжување со он лајн настава во случај и во септември да продолжи коронакризата, тој вели дека и самиот се почувствувал како ученик во последните три месеци.

– Можам да кажам дека оваа година крајот на учебната година и за мене како родител е големо олеснување. Во последните три месеци постојано учевме и пишувавме домашни задачи заедно со моето дете, па на еден начин и самиот се почувствував како ученик. Покрај работните обврски јас морав и голем дел од времето да учам со него, тоа беше помалку фрустрирачки за мене – додава Ристовски.

За тоа дека он лајн наставата е голем проблем за родителите сведочи татко на основец во училиштето „Блаже Конески“ во Скопје, кој се надева дека наставата на овој начин нема да биде пракса и од септември.

– Он лајн наставата во последните три месеци беше вистински хорор. Морав редовно да работам со својата ќерка, бидејќи многу работи не и беа јасни, но за среќа крајот е тука. Искрено се надевам дека од септември нема да се најдеме во иста положба, би било многу подобро и за нив и за нас како родители што побргу да се нормализираат работите во образовниот процес – вели Сашко Смилевски, татко на шестооделенка во училиштето „Мирче Ацев“ во Скопје.

Од друга страна пак, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, пред неколку дена најави дека доколку ситуацијата со коронавирусот не се промени веројатно ќе продолжат истите мерки во образованието и од септември,  или пак ќе се направи план за реорганизација на наставата.

– Генерално, ако имаме иста ситуација, исти околности, можеби ќе се соочиме со исти мерки или ќе размислиме во насока на реорганизирање или поинакво организирање и реализирање на наставата во училишните клупи  – соопшти Адеми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот