Родителите лутаат: Ни општинарите не знаат како се аплицира за бесплатна градинка во Аеродром! (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Иако уште минатиот месец општина Аеродром донесе одлука за ослободување од плаќање на надоместокот за градинка за самохраните родители, како и за семејствата со ниски приходи, родителите се уште не знаат како да аплицираат за да ја добијат оваа поволност.

Ивана, која е мајка на четиригодишно девојче од Аеродром, од редакцијата на Слободен печат побара помош за да дојде до оваа важна информација, бидејќи како што вели, се плаши дека рокот за пријавување ќе истече, а се уште нема подетални информации кои документи се потребни и каде треба да се достават.

– Се обратив до градинката, но ми рекоа дека чекаат насоки од Општината. Не знам до кога е рокот за аплицирање за ослободување од плаќање на надоместокот за престој во градинка, а и не знам кои документи треба да ги обезбедам за да ми биде комплетирана апликацијата. Се плашам дека можеби ќе помине рокот за аплицирање, па ќе ја изгубам оваа можност, објаснува Ивана.

Одговор на ова прашање денеска побаравме од градоначалникот Златко Марин, кој не прецизираше кои документи се потребни и каде треба да се достават, за да стапи на сила одлуката.

– Родителите ќе бидат известени кои документи да ги донесат преку директорите на градинките и преку градинките, кратко одговори Марин денеска на прашање на Слободен печат.

Проследете ја изјавата во видеото:

 

Оваа одлука е изгласана на седница на Советот на Општина Аеродром:

Oд плаќање месечен надоместок се ослободуваат следните категории родители:

– Родители на три деца запишани во градинката, се ослободуваат од плаќање месечен надоместок за престој за едно дете;

– Самохран родител со примања до една просечна плата или со останати приходи во износ до една просечна плата се ослободува од плаќање месечен надоместок на детето/цата;

– Двајца родители без приходи или самохран родител без приходи (невработени лица) се ослободуваат од плаќање месечен надоместок на детето/цата;

– Двајца родители од кои еден е без приходи (невработено лице), а другиот родител со примања до една просечна плата или со останати приходи во износ до една просечна плата се ослободуваат од плаќање месечен надоместок за престој на детето/цата;

– Родители на деца со посебни потреби се ослободуваат од плаќање надоместок за престој на детето/цата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот