Родителите ќе решаваат каде ќе се оперираат децата кај Жан Митрев или кај детски кардиохирурзи во „Систина“

По пропаѓањето на проектот за детска кардиохирургија и заминувањето на д-р Владимир Чадиковски од приватната болница „Жан Митрев“  Фондот за здравствено осигурување склучи договор за изведување на кардиохируршки операции кај новороденчиња и мали деца со вродени срцеви мани и во „Систина Аџибадем“. Каде ќе се оперира новороденчето ќе решаваат родителите, бидејќи ФЗО обезбедува исти услови и во двете приватни болници кои кај нас ги работат овие операции.

Договорот  во „Жан Митрев“ е во функција од почетокот на оваа година, кога тимот кој овие операции ги работеше во јавното здравство беше префрлен во приватната болница. Според податоците од ФЗО до ноември 2019 година во ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев третирани се 62 деца, од кои на 15 им е извршена интервентна кардиолошка процедура (поставување на чадорчиња и сл.), а кај 47 е извршена операција на срце. На прашањето колку од овие операции се успешни од Фондот велат дека немаат податок. Како што веќе е познато во оваа приватна болница новроденчињата и малите деца ги оперира нашиот кардиохирург Жан Митрев, кој е познат по кардиохируршката пракса со возрасни пациенти, откако Владимир Чадиковски, кој е единствениот детски кардиохирург во земјава си замина од таму. Иако во јавноста се води полемика дали операции на отворено срце кај новороденчињата и малите деца треба да ги прави кардиохирург кој оперира возрасни, бидејќи станува збор за сосем различни здравствени проблеми, од Министерството за здравство излегоа со став дека тие тука не гледаат никаков проблем, односно дека Митрев може да оперира и новороденчиња.

Под притисок на јавноста ФЗО минатиот месец дозволи овие операции да почнат да се прават и во „Аџибадем Систина“ и како што информираат од болницата досега се изведени две вакви интервенции, а се планираат уште две. Од Систина Аџибадем објаснуваат дека кардиохируршките операции кај новороденчињата со вродени срцеви мани ќе ги изведува тимот на нашиот кардиохирург Владимир Чадиковски, но со асистенција на искусни детски кардиохирурзи од Турција, односно од болниците на Аџибадем. Во почетокот пациентите кај кои е потребна посложена интервенција ќе се праќаат за операција во Турција, но идејата  во Аџибадем Систина да се направи регионален центар за кардиохируршки операции кај деца.

-Детската кардиохирургија е малку специфична, а што се однесува до образованието на лекарот тој треба да се специјалист по кардиохирургија, а потоа уште три години да има супспецијализација по детска кардиохирургија – вели проф.д-р Тајар Сариоглу, кој го води тимот на детски кардиохирурзи од Турција.

Упатените се надеваат дека во оваа битка за 10 милиони евра колку што ФЗО годишно плаќа за операција на вродените срцеви аномалии кај новороденчиња, нема да настрадаат децата, односно дека ќе се воспостави систем кој ќе го вреднува квалитетот на извршените интервенции и овие податоци ќе бидат јавно соопштени за да може родителите да одлучат каде ќе ги оперираат децата врз основ на објективни параметри, без да бидат жртви на притисоци, уцени и убедувања.

Од Фондот велат дека склучените договорисо Клиника Жан Митрев и со Аџибадем Систина за здравствени услуги од областа на кардиоваскуларна хирургија се идентичени.

 

.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот