Родителите го прегореле телефонот на „Дипломатик“ со поплаки: Деца пративме на летување, не компири!

Родителка на двајца средношколци кои што исто така се упатиле на истиот аранжман, за „Слободен печат“ вели дека хотелот бил во хаос кога пристигнала групата.

Откако туристичката агенција „Дипломатик“ тврдеше дека поплаките на скопјанката Ана Новевска, која викендов си го врати десетгодишното дете од екскурзијата во Грција поради катастрофални хотелски услови, биле изолиран случај, повеќе родители се обратија во нашата редакција со поткрепа на верзијата на мајката. Таа викендов возела до Неа Скиони, за што морала да плати и дополнително за ковид тестирање. Аранжманот за летувањето на нејзината ќерка чинел 15.490 денари. Меѓутоа откако ќерка и почнала да и се жали дека храната е во мали количества, хотелот немал базен како што претходно им било најавувано на родителите и децата, немало ниту интернет, ниту шведска маса, Новевска со свое возило отишла да провери дали навистина е така, по што го зела детето дома во Скопје.

Родителка на двајца средношколци кои што исто така се упатиле на истиот аранжман, за „Слободен печат“ вели дека хотелот бил во хаос кога пристигнала групата.

-Моите деца се големи, ќерката е трета за четврта година, а синот полуматурант. Уплативме директно во агенцијата а не преку наставниците кои ја промовираат оваа тура. Кога стигнаа, рецепционерот им кажал дека годинава не ни се планирало да отвори хотелот. Нечисто, хаос, хорор. Вечерата била во 8 навечер, а тргнати беа во 5 изутрината. На крај на некои деца им се слошило па им платиле гиро, ама тоа е мало место, нема гиро за 120 деца. Базенот не бил исчистен ама не се отидени за него туку за морето. Утрото ќерката ми пиша, дека за појадок имаат едно слаамче, мармалад и едно кашкавалче. За среќа им дадовме пари пред да одат и им реков да си купуваат дополнителна храна. Така јадат. Појадокот и вечерата инаку требаше да бидат шведска маса, но оскудно е. За ручек им дале неколку компирчиња со еден ражнич, а за вечера макарони со кечап. Тоа не најадува. И сега наместо да се поправи јадењето, агенцијата ќе ја тужела мајката, револтирано изјави за „Слободен печат“ Марија Јованоска од Скопје, мајка на две деца кои што заминале на одморот.

Таа смета дека навистина, имало и наставници кои што ги разубедувале децата да молчат за незадоволството и да не го споделуваат со родителите.

-Се јавивме кај сопственикот ама тој не убедуваше дека не е таква ситуацијата, а децата од терен ни кажуваат нешто сосема друго. Вчера ќерка ми пак ми кажа дека појадокот бил ист, само појачан со малку корнфлекс. Пикавци наоѓале позади креветите. А пред да ги пуштиме го видовме хотелот на видео, убав, со базен, веројатно снимката била од пред 10 години кога го отворале. Сега е запустен. Ние не бараме луксуз, доволно беше да е чисто и да имаат децата за јадење. Покрај 250 те евра, сигурно уште по 100 евра потрошиле за дополна во храна. Имам порака од сопственикот каде потврдува дека ќе се потруди да им носат храна од други хотели и признава прпусти. Деца праќаме, не праќаме компири, револтирано додаде Јованоска.

И двете родителки ќе се жалат во Организацијата за потрошувачи бидејќи сакаат да стават крај на, како што велат – измамата и сакаат да има одговорност ветеното да биде реализирано. Понудата за летниот камп била презентирана во повеќе основни и средни училишта, од наставници кои соработувале со агенцијата. За понудата родителите потпишале општ договор во кој не било наведено дека ќе добијат шведска маса или базен. Тоа стоело само во летоците и видеата кои им биле презентирани.

Родителите тврдат дека го прегореле телефонот на агенцијата од поплаки.

-Не е точно дека сум се жалела само на Фејсбук. Имам доказ дека разговарав со вработена во агенцијата вториот ден, да се пожалам дека детето нема добиено појадок и дека отишло на плажа гладно. Попладнето кога се вратила во собата се туширала со ладна вода. Им се жалев за базенот, за хигиената во собите, нечистиот тоалет. Побарав да ми дадат листа на оброци за децата што ќе им ја даваат. Не ја добив, вели Ана Новевска, мајка на десетгодишно девојче.

Сопственикот на туристичката агенција „Дипломатик“ вчера за „Слободен печат“ изјави дека поплаката на Новевска е изолиран случај, но денеска се јавија уште родители со слични поплаки.Агенцијата најави дека ќе покрене тужба против Новеска за нарушување на нивниот рејтинг.

-Базенот не беше исчистен и не можам и немам намера истиот да го сокријам. Имавме проблем со неколку соби кои не беа добро исчистени и истиот ден беа повторно средени. Мал проблем имавме и со дел од картичките од собите кој наредниот ден беше отстранет. Храната е во ред, не гледам причина за револт. Повторно кажувам, доколку некој родител има каква било забелешка треба да се обрати кај нас на било кој начин за да знаеме за што да интервенираме, ако има таква потреба. Во однос на храната, доколку некому му е малку и побара повторно, би му дале дополнителна храна. Првиот ден грчкиот партнер не беше спремен, но веќе вториот ден ги отклони сите недостатоци. Една кетеринг служба ја носи храната во хотелот како што голем дел од хотелите функционираат насекаде во светот, изјави за „Слободен печат“ Сашо Петрушевски, сопственик на агенцијата.

Од Организацијата на потрошувачи советуваат детално патниците да ги договараат сите услови со агенцијата написмено, а не усно за да можат да ги остварат своите права.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот