Родителите го креваат гласот: Отпор поради враќањето на разрешената директорка на градинката „Детска радост“

Родителите на децата згрижени во градинката „Детска радост“ во отворено писмо до јавноста најавуваат дека од понеделник започнуваат отпор поради незаконското работење во градинката, поточно поради тоа што директорката Анета Петровска, која беше разрешена пред една година повторно е вратена на чело на градинката.
Тие до медиумите испратија и документи во кои се прикажани набавки на канцелариски мебел, сметки од ручеци во ресторани и се револтирани од фактот дека имало пари за скапи угостителски услуги, а нема за основни средства за хигиена, па родителите се приморани тоа да го носат од дома.
Сите ние родителите на децата кои се згрижуваат во градинката „Детска радост“ секојдневно сме должни со носењето на нашите деца да носиме и средства за хигиена (течен сапун), тоалет, влажни марамици, пластички чаши и слично. Нема пари за нашите деца да се купат потребните работи за нормална грижа врз нив, но секако има пари за луксузен мебел за менаџментот, ручеци проследени со алкохол и за скапи бајадери. Ова наше писмо со сите овие документи доаѓа по повикот од директорката на отворен ден да ни ги презентирала документите со образложение дека немало криминал – наведуваат родителите во писмото.
Родителите велат дека не сакаат приемен ден, туку одговорен менаџер на чело на градинката во која ги оставаат нивните деца. Тие ги повикуваат сите граѓани да се приклучат на нивниот отпор.
Ова е отпор против криминалот и корупцијата! Ова е отпор против незаконското работење! Ова е отпор против министерката Јованка Тренчевска која вршејќи самоволие ја врати директорката на чело на градинката! – се вели во отвореното писмо.