Родителите да не паничат, децата се уште не се на удар на коронавирусот

ФОТО: Драган Митрески - Слободен Печат.

Вознемирени и испаничени родители периодов ги полнат чекалните на педијатриските ординации, стравувајќи дека нивните деца имаат коронавирус. Лекари во изјава за „Слободен печат“ сведочат дека родители стравуваат дека новиот британски сој на коронавирусот ги напаѓа и најмладите и дека при обични симптоми на настинка, веднаш трчаат кај своите педијатри. Но, простор за паника нема, нагласуваат лекарите и посочуваат дека овој период од годината е вообичаен за настинки и алергии.

Точно е дека мерките кои ги  носи Комисијата за заразни болести треба да  се почитуваат, а особено младите мора да бидат попретпазливи, но никако не треба да се крева паника, советува педијатар д-р Зорица Јовановска.

– Сега е сезона на настинки, веќе започнаа да се јавуваат и првите знаци на алергии, што ги направи ординациите пораздвижени, но се е во рамки на нормалата, односно не се забележуваат некакви карактеристки по кои би можеле да кажеме дека се работи за одредена проблематика. Досега, нема отстапувања од просекот за ова време од годината, објаснува д-р Јовановска.

И од Клиниката за Детски болести велат дека не е забележан пораст на хоспитализации на болни деца.

– Во Клиниката се хоспитализираат болни деца, но нема зголемен број на приеми и не станува збор за хоспитализирање на болни деца со симптоми слични на ковид-19, велат од Детската клиника за „Слободен печат“.

Слична е состојбата и на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.

– Институтот се уште функционира како ковид болница. Не е забележан зголемен број на хоспитализации на деца позитивни на вирусот. Од друга страна, не можам да зборувам за сезонски настинки или алергии, бидејќи при третманот се запазува редоследот на примарно, секундарно и терцијално здравство. Оттука верувам дека доколку има зголемен број на дечиња, тоа најмногу ќе се забележи во амбулантите, ни рече д-р Ангелчо Андоновски.

И педијатарот Ѓорѓи Паскалов вели дека нема простор за паника, бидејќи ништо страшно не се случува.

-Точно е тоа дека е зголемен бројот на деца позитивни на ковид-19,  но сите се со лесни симптоми. Ние ги тестираме речиси сите деца, некои дури и пред да дојдат во ординацијата, откако ќе ни кажат какви симптоми имаат. Има појава на лесен стомачен вирус, а алергиите  се уште не се многу  распространети. Има зголемен број на пациенти, но најмногу се работи за базична педијатрија. Јас како доктор не сум исплашен, а не треба да бидат ниту родителите, вели д-р Ѓорѓи Паскалов.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот