Родители го обвинуваат Герасимовски дека притискал насилно дете да се прими во центарско училиште, градоначалникот негира
Група родители на деца кои учат во основното училиште „11 Октомври“ во скопската Општина Центар, се револтирани од одлуката во училиштето да биде примено дете кое било испишано од неколку училишта поради насилно однесување, објави „Република“, која пренесува и писмо од родителите.
„Гневни сме на одлуката на директорката на „11 Октомври“ да прими дете кое е избркано од повеќе училишта поради насилство. Согласно Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученик жртва на кој било од формите за насилство, злоупотреба и занемарување и според насоки дадени од МОН, ООУ„Лазо Ангеловски“ доставува ургентно известување во врска со несоодветното однесување на ученик до Сектор за образование на општина Аеродром и Сектор за образование на општина Центар (конкретно за ООУ „11 Октомври“) со кое бара да се произнесат училиштата дали ќе го примат ученикот. Како последна мерка согласно Упатството, е мерката преместување на ученик во друго училиште.По однос на барањето, сите училишта на територија на општина Аеродром и училиштето 11 Октомври се произнесуваат негативно, односно ниту едно училиште не го прифаќа ученикот. По добиените негативни одговори од страна на сите училишта, ООУ Лазо Ангеловски го префрла ученикот на далечинско учење (онлајн настава) и за тоа ги известува сите надлежни институции“, пишуваат родителите.
„Во меѓувреме, под притисок на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, директорката на „11 Октомври“ им дава согласност на родителите ученикот да биде примен во нејзиното училиште, родителите ја носат согласноста во ООУ „Лазо Ангеловски“ и на ученикот денес му е издадена преведница од страна на ООУ „Лазо Ангеловски“ за упис во ООУ „11 Октомври“. Еден од родителите на проблематичното дете е поранешен началник во МВР. За утре е закажан итен состанок на советот на родители“, се додава во писмото.
Овие тврдења ги отфрла градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Остро и категорично демантирам дека сум вршел каков било притисок за упис на дете со насилно однесување во редовна настава во ООУ „11 Октомври“. Тврдам дека ниту сум иницирал, ниту сум бил информиран за каква било постапка во врска со ученикот, а особено не за вмешаност на општината во вакви прашања. Во текот на утрешниот ден, основното училиште „11 Октомври” ќе излезе со целосна информација за овој случај“, вели градоначалникот.
Герасимовски додава дека како градоначалник, секогаш стои зад принципиелни и законски одлуки и дека нема намера да дозволи „дезинформации кои наметнуваат лажна слика“. Тој бара од сите вклучени страни, особено од медиумите, „да се воздржат од непроверени наводи кои го загрозуваат интегритетот на институцијата и сеат недоверба меѓу граѓаните“.