РКЕ објави нови пониски цени на нафтените деривати

Горива бензин дизел
Илустрација: Точење гориво на бензинска станица / Фото: EPA-EFE/CONSTANTIN ZINN

Регулаторната комисија за енергетика на денешната седница за утврдување на цените на нафтените деривати во малопродажба донесе одлука за корекција со која се бележи благ пад.

Според нивните пресметки кои се базираат врз движењата на цените на светските берзи на црното злато и вредноста на доларот во однос на денарот намалувањето во просек изнесува 0,40 отсто во однос на малопродажба.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период, во просек изнесува 58,6892 и е за околу 0,201 % повисок во однос на претходната пресметка…

Имајќи ги предвид сите овие показатели од кои зависи формирањето на малопродажните цени, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), се намалуваат за 0,50 денари за литар. Согласно тоа од ноќеска на полноќ тие ќе се продаваат по цена од 108,50 денари за литар односно 103,50 денари за литар.

Цената на ЕУРОСУПЕР БС 98 се намалува за 1 денар и ќе се продава за 110,50 денари за литар. Намалување од еден денар има и кај Екстра лесното масло за домаќинство па новата цена за овој енергенс од ноќеска на полноќ ќе изнесува 102,00 ден/лит.

Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, се зголемува за 0,422 ден/кг, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 01.07.2022 година и ќе се продава по цена од 53,727 ден/кг.

Видео на денот