Рита Бехадини: И понатаму ќе бидам ГЛАСОТ НА ЖЕНИТЕ и на нивните проблеми!
Младата хуманитарка и активистка Рита Бехадини има „полни раце“ работа. Не дека некој ѝ ја дал таа работа, туку сама си ја наоѓа. Постојано. А, ако погледнеме околу нас, и се соочиме со недостатоците на системот, ќе видиме дека сите би можеле да имаме куп работа, само на добар дел од нас, очигледно, не ни се работи. Мислиме на работа од типот подигнување на глас против неправдата или организирање на хумани подвизи.
Бехадини пак, тоа го прави од сесрце, со многу смелост, одлучност и преземливост. Од сесрце се вложува во секоја акција и среќна е кога резултатите се видливи. Благодарение на Рита, на пример, асфалтирањето на патот до Попова Шапка до крај се реализираше. Кога недостигал само километар до реализацијата, и кога сите кренале раце поради недостаток на средства, младата активистка не се откажала.
– Чиј е овој последен километар од патот?, ги прашувала одговорните.
А, бидејќи сите ги поткревале рамениците, Рита си го „прогласила“ за нејзин. На местото од кадешто започнува неасфалтираниот дел од патот, поставила дрвена ознака на која пишува „Патот на Рита“.
По оваа „герила“ акција, патот најпосле се доасфалтирал.
– Ете, значи, можело,- забележува Рита на почетокот на нашиот разговор.
Со Рита муабетиме за нејзините иницијативи, без да ги заобиколиме прашањата за правата на македонската и албанската жена во општеството, кои се редовно на „листата“ на иницијативи на оваа млада активистка.
Неодамна, те посети претседателот Пендаровки за да ја поздрави твојата хуманитарна акција „Овој септември со полн ранец“. Што зборувавте на средбата? Беше ли само тоа поздрав или и поддршка за понатаму?
– Хуманитарната акција „Овој септември со полн ранец“ ја организирав за да соберам училишен прибор за децата од сиромашните семејства. Претседателот ме посети за да ја поздрави мојата акција и со самата посета да ме мотивира да продолжам со вакви активности.
Хуманитарната акција „Овој септември со полн ранец“ успешно ја реализираше сама, со помош на твоите сестри, брат и пријателка. Какви беа резултатите?
– Реално, не очекував толку големи резултати, какви што беа. Интересот на луѓето за донирање нови училишни материјали беше голем и сите ја поддржаа оваа иницијатива. Иницијативата „Овој септември со полн ранец“ собра училишен прибор за да наполни дури 145 ученички ранци. Собирањето на училишни материјали започна на 15 август, а во период од десет дена, граѓаните имаа можност да донираат училишни материјали на одредени локации во Тетово. Бидејќи дополнително беше собрана голема количина на моливи, гуми, острилки и тетратки, истите беа поделени во повеќе училишта.
Според пресметките, еден училишен ранец чини околу 2.500 денари, а вкупната донацијата изнесува 362.500 денари, или околу 6.000 евра, без да се пресметаат и преостанатите средства што се наменети за училиштата. 12 училишни ранци и други училишни материјали беа донирани на повеќе семејства во Велес. Децата кои ги добија училишните ранци беа од ОУ „Лирија“, од велешкото село Јаболчиште.
Беше дел од „Феминист Клуб“ и борец за правата на жените. Во што се жените, кај нас, најмногу обесправени?
– Мислам дека семејното насилство е најголемиот проблем во државата. Мора да работиме напорно за да ја подигнеме свеста за овој проблем. Од тука треба да ја започнеме работата. Но, не само тоа, активното учество на жените во политиката, но и во другите сфери на општественото живеење е, исто така, проблем. Треба да работиме на тоа да имаме жени што јавно ќе зборуваат и ќе бидат гласот на жените таму кадешто треба да се направат промени, жени во Владата, во Парламентот, во другите институции. Не само да имаме бројки, туку да имаме жени кои навистина нè претставуваат.
Што покажа проектот за семејно насилство на жените? Има ли разлика меѓу македонската и албанската жена во овој контекст?
– Проблемот со семејното насилство е во тоа што жените не го пријавуваат насилството. Ние, како општество, бараме од нив да молчат поради децата, поради семејството или поради нешто друго. ТАА секогаш е жртва, иако не е виновна. Затоа организиравме активности на тема семејно насилство, за да ѝм кажеме на жените дека не треба да молчат туку да зборуваат, и тоа да го направат токму поради и за нивните деца, за семејството. Таму кадешто има насилство, не може да има среќни деца. Проектот покажа дека во нашата држава немаме услови да ги заштитиме жените, па затоа тие не го пријавуваат насилството. Државата не знае да ги заштити, без разлика дали станува збор за Албанка или за Македонка.
Какви пак, беа резултатите од проектот за правата на жените, компаративно – минато и денес? Што е навистина променето?
– Во споредба со минатото, кога жените морале да се мажат многу млади, сега е поинаку, тоа е променето. Домашните обврски и воспитувањето на децата повеќе не се одговорност само на мајката, туку и на таткото. Постепено се менуваше улогата на жените во општеството, но на оваа тема има уште многу за работа.
Дали е сменето позицијата на жената во нашето општество и што е сменето!
Publiée par Center for Equal Opportunities – CEO sur Dimanche 10 mars 2019
Благодарение на твојата „герила“ акција, се доправи патот до Попова Шапка. Значи ли тоа дека подигнатиот глас сепак, се слуша?
– Секако, да. Мора да се бориме секој ден за промената што сакаме да ја видиме во општеството. Не можеме да чекаме работите да се сменат сами од себе, сè додека самите не направиме нешто. Ако веќе имаме држава која не ги прави работите какошто треба, ние треба да бидеме гласот што ќе ѝ каже дека ова не е во ред. Ние, младите. Не е точно дека не можеме да промениме ништо.
Кои се твоите следни предвизвици?
– Во процес на отворање на невладина организација „Центар за еднакви можности“ која ќе се занимава со правата на жените. Сакам и понатаму да бидам глас на жените и нивните проблеми.