
Ристоска го спори унапредувањето на членовите на Обвинителскиот совет откако Јолевски напредуваше без оценување
Откако поранешниот претседател и член на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски по завршувањето на неговиот мандат беше унапреден во Вишото јавно обвинителство, без оценување, а беше најгласен дека обвинителката Ленче Ристоска не може да напредува во Вишото обвинителство бидејќи била на трудничко отсуство, обвинителката пред Уставен суд го оспори оценувањето на членови на Советот на јавни обвинители.
Препорачано
Поточно Ристоска поднела иницијатива, а Уставниот суд ја разгледува на денешната седница, во која е оспорена одредба од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители, а се однесува на оценување на стажот на јавните обвинители во периодот на нивното членување во Советот на јавни обвинители.
Во иницијативата е посочено дека оспорената одредба е во спротивност со Амандманот XXX од Уставот, членот 7 од Законот за Совет на јавни обвинители и членовите 36 и 62 од Законот за јавното обвинителство.
Подносителката наведува дека за времетраењето на мандатот, членовите на Советот на јавни обвинители избрани од редот на јавните обвинители не вршат јавно-обвинителска функција и не може да бидат оценувани, односно тие во конкретниот период не може да реализираат „позитивно оценет јавно-обвинителски стаж”.
-Се тврди дека станува збор за прашање кое не може да се уредува со Деловник, бидејќи изворно не е уредено со законски пропис, па се остава впечаток дека членовите сами си доделиле право и поволност кои Законодавецот не им го гарантирал. Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства – се наведува во иницијативата на обвинителката Ристоска.
Всушност Ристоска оспорува дека членовите на Советот на јавни обвинители не може автоматски да бидат позитивно оценети и да напредуваат по членувањето на Советот.
Јолевски во октомври минатата година наместо да се врати во Основното јавно обвинителство Битола, тој откако му заврши мандатот како претседател и член на Советот е унапреден во Вишото јавно обвинителство Битола.
Тој кај Ристоска виде недостаток на работа по различни предмети, не напредувала во работата, но бараше тој да биде унапреден од основното во Вишото обвинителство Битола и за него ќе важат одредби од Законот за јавно обвинителство и Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители, според кои, тој автоматски ќе биде позитивно оценет, иако во годините додека бил член на Советот на јавни обвинители не работел на судски предмети.
Претседателката на Советот, Душица Димитриеска тогаш ги цитираше членовите од Законот и Деловникот кои предвидуваат дека Јолевски ќе биде автоматски позитивно оценет.
За него важеше член 36 став два кој предвидува: „Доколку јавниот обвинител бил отсутен повеќе од 2/3 од времето за кое треба да биде оценет, нема да се оценува за тој период. Периодот на оценување започнува да тече од почеток по враќањето на работа на јавниот обвинител“.
Од Деловникот за работа на Советот на јавни обвинители му се даде уште една предност за да биде позитивно оценет.
„Мандатот на членовите на Советот избрани од страна на јавните обвинители влегува во позитивно оценет јавнообвинителски стаж освен во случаи предвидени во чл 35-а,од Законот за советот на јавните обвинители“. Со оглед на тоа што тој не бил разрешен или против него немало дисциплинска постапка, ако добие мнозинство Јолевски сигурно ќе напредува.
Комисијата за заштита и спречување на дискриминација утврди дека Јолевски ја дискриминирал обвинителката Ристоска и не ја унапреди оти била на породилно отсуство. Тој не и се извини и ја тужеше пред Управниот суд.
Но и таму беше потврдена одлуката на Комисијата, односно дека Ристоска била дискриминирана. Ристоска два пати конкурираше, но не беше унапредена во Вишо Обвинителство, првиот пат оти била млада, а потоа оти била на породилно. И двете одлуки беа донесени по остри критики на обвинителката за работата на Советот за јавни обвинители.
Иницијативата на обвинителката е на дневен ред на Уставниот суд во период на остри критики на власта кон правосудството, во тек на постапката за разрешување на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и интерпелации на петмина членови на Судскиот совет избрани во Собрание.
Инаку на седницата на која беше унапреден Јолевски, унапредување во републичкото обвинителство доби и обвинителот Златко Биковски кој беше еден од тројцата обвинители за кои се водеше дисциплинска постапка за тоа што како обвинител не презел дејствија за 27 април 2017 година, кога се случи „крвавиот четврток“.
Тој беше обвинител во случајот „Пуч“ во кој обвинет беше поранешниот премиер, Зоран Заев и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски за нелегалното прислушување, предмет во кој им се судеше ним и поранешните вработени во УБК, кои го открија скандалот за нелегалното прислушување. Потоа за скандалот им се судеше на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, но случајот уште се влече по судови.
Откако неговиот надреден, Јово Илиевски, беше избран за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, еден период Биковски беше вршител на должност во Обвинителството за гонење на организиран криминал.
По дисципинската постапка беше вратен во обвинителството во Берово, но сега е обвинител во републичкото обвинителство.