Ристо Вртев пред концертот на „Архангел“: Новиот спот во „Пошта“ нè враќа на бунтот
Ристо Вртев од култната рок-група „Архангел“ денеска во Скопје одржа прес-конференција на која го најави својот претстоен концерт насловен „Срцевина“, кој ќе се одржи на 13 јуни на стадионот на АРМ во Скопје. Покрај најавата за концертот, премиерно беше претставен и новиот видеоспот за новата песна „Дни оловни“.
Препорачано
Овој концерт, како што истакнаа членовите на тимот, претставува многу повеќе од обичен музички настап, тоа е повик за зачувување на културниот идентитет и ревитализација на важните градски простори.
Фронтменот Ристо Вртев објасни дека изборот на локацијата за новиот спот, старата скопска Пошта е длабоко промислен.
„Се одлучивме за локација со амбиент на брутализам бидејќи мислам дека е многу соодветен на тоа што го налага самата атмосфера. Некако нè враќа и во еден бунт, во едни корени, а од друга страна има и една таква модерност“, рече Вртев.
„Голема работа е да се снима во македонскиот културен Чернобил. И еден таков објект со такво значење за нашата култура заслужуваше и некоја добра музика да му се стави“, рече режисерот на спотот Иво Антов.
За процесот на создавање, Вртев се надоврза:
„Целата приказна започна со мои стари соработници. Марко Стојановиќ имаше концепт да снимаме во поштата. Тој се потруди и направи еден добар спот кој инаку би чинел многу, и јас, уште пред да видам, кога го слушнав како идеја, ми се отвори душата. Првин беше песната, и околу неа се создаде една синергија. Јас му благодарам на Иво Антов и целата екипа што стои зад реализацијата на овој спот, затоа што практично волонтираа“, рече Вртев.
Специјалниот гостин на концертот, Васил Хаџиманов, кој се вклучи преку видеоповик, ја потврди својата поддршка за проектот:
„Кога ми се јави Ристо, веднаш се нафативме на тоа да гостуваме на концерт на една ваква култна група. Се придружив кон овој проект, затоа што навистина се работи за нешто што вреди“, рече Хаџиманов кој со своето трио слави 30 години кариера.
Цвета Спасова, организаторката на концерот, ја потенцираше важноста на континуитетот на Архангел на домашната сцена:
„Јас не би истакнала дека ‘Архангел’ не се митски. Мислам дека имаат посебно место во македонската културна сцена. Мојата желба е да се вратам во Македонија, да работам во Македонија, да соработувам со македонски уметници , тоа никогаш не престана“, рече Спасова која живее во Словенија.
Спасова најави ново винил издание на „Архангел“ кое ќе излезе до крајот на годината.


