Ристевски го нарече Филипче ,,кецарош”, во Собранието врие за мерките за Ковид 19

Фото: МИА

Во кавгаџиски амбиент, со препукувања кој што направил и не направил за здравството, барање за оставка од министерот Венко Филипче и без суштински фокус на амандманите тече расправата на Комисијата за здравство во Собранието.

На оваа Комисија, требаше да се доуредат амандманите за промена на Законот за заштита на населението од заразни болести пред да отидат на гласање на пленарна седница. Со овие измени, граѓаните ќе мораат да носат маски и на отворено, освен ако не се спортува или ако не се во автомобил сами.

Останатите измени во овој закон вклучуваат да се забрани групирање на повеќе од четворица на јавен простор после 22 часот, како и на домашни прослави и на гости да не можат да присуствуваат повеќе од четворица гости кои не живеат на адресата на домаќинството.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ бараат одговорност од Филипче зашто сметаат дека мерките се задоцнети и нема да дадат резултат. Тие го прекорија зашто Комисијата за заразни болести прогнозирала 2.000 случаи на ковид заразени а сега има околу 30.000.

-Нормално е да побараме оставка, имате 1000 починати, џабе лепите стикери ,,слушај го Венко”, ние зборуваме за здравствена криза. Мерките се заканети, нема да дадат резултат. Требаше порано да ги донесете мерките кога набавувавте апетисани, бадеми и отваравте фабрики за марихуана. Зошто хронично болните одат на работа ако знаеме дека смртноста меѓу нив е најголема, рече пратеникот Петар Ристески од ВМРО ДПМНЕ додавајќи дека оваа партија бара да се формира нова Комисија за заразни болести зашто од тековната се незадоволни.

Министерот Филипче му одговори на Ристески, дека единствен поголем грев од Скопје 2014 е одолговлекувањето дискусијата за законот.

-Вие сте единствен пратеник што не носи маска овде на цела седница и вие ќе зборувате за мерките. Не носите маска овде на цела седница. Хроничните пациенти се целосно заштитени. На почетокот сите не одеа на работа, а сега со изјава од специјалист 6 месеци се ослободени, рече Филипче.

Филипче рече дека мерките се препорачани од сите земји на ЕУ и од СЗО и таму се имплементираат.

– Во пандемија нема проценка посебно не за вирус за кој не се знае се, ни за трансмисијата не се знае се. Сите овие мерки се идентични насекаде во светот, реќе Филипче, на што Ристески му реплицираше дека има најмизерни и најкатастрофални резултати и дека не треба да се слуша ,,кецарош” туку некој што има добри резултати во справувањето со пандемијата.

Во меѓувреме, состојбата со Ковид 19 во земјава се влошува од ден на ден. Болниците се полнат, позитивни се и до 30 проценти од направените тестови и смртноста расте. Само во последната статистика на Институтот за јавно здравје, од направени 2236 тестирања, регистрирани се 628 случаи на Ковид 19.

Министерот за здравство Венко Филипче тврди дека со измените во Законот за заштита на населението од заразни болести ќе се направи обид да се симулира полициски час зашто ништо после 23 часот нема да работи и граѓаните ќе остануваат дома, се со цел да се избегне воведувањето на полициски час.

Според него, полицискиот час не е долгорочно решение на кризата, а за три месеци со почитување на препораките, состојбата може да се стави под контрола. Во измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, предвидено е и ако државните болнички капацитети се преполнат, да се активираат приватните болници, односно на ковид пациентите да им се овозможи да се лекуваат во приватните болници на сметка на Фондот за здравствено осигурување.

-Ако се соочиме со тоа, нашите јавни здравствени установи да бидат преоптоварени и да нема место каде да се сместат пациентите, ќе ги сместиме и во приватните болници, за што нормално, фондот ќе плати – изјави Филипче во Топ Тема.

Поради бројните реакции на граѓаните дека плаќаат високи суми за тестирање на приватно, кои што се поскапи од референтната цена од Фондот за здравство која изнесува 1850 денари за тест, Филипче апелираше приватните болници да го стават профитот на страна и да ги намалат цените.

Со законските измени кои се најдоа во собраниската комисија, се предвидуваат нови поголеми овластувања за надлежните инспекциски служби. Исто така, и во закон влегува обврската секој што ќе се тестира за Ковид 19 да остане дома до добивањето на резултатот. Досега ова беше само препорака.

Опозицијата пак, предлага да се формира нова Комисија за заразни болести, која што ќе ја предлага владата, ќе ја избира собранието а во неа ќе членуваат министерот за здравство, директорот на центарот за управување со кризи, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози еден имунолог и еден интернист.

Во дневната статистика за заразени и починати од Ковид 19, влегуваат сите граѓани кај кои што било утврдено присуство на вирусот, дури и ако директната причина за настапувањето на смртта не бил само ковид 19, туку и некој коморбидитет, како шеќерна болест, хипертензија, белодробно заболување или друга хронична состојба. Целта е на ваков начин транспарентно да се претстави состојбата на заразени.

Бидејќи бранот на ковид заболени е голем, а епидемиолози има малку, на помош им пристапиле и студентите по медицина кои ќе им помагаат на епидемиолозите со анкетите. Во градовите од внатрешноста, инфективните одделенија се исполнети. Се прави реорганизација на просторот и кадарот и во Скопје за да се примат сите на кои што им треба болничко лекување.

Дополнителни болнички капацитети ќе се обезбедат во болницата во Козле, каде има 40 кревети и кадар од Инфективната клиника. Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ 8 Септември. Дополнителни 350 тестови дневно ќе се прават во Институтот за јавно здравје, во болницата во Козле и во Центарот за јавно здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот