Ристески: Владата ги дели синдикалците, штрајкот во Матично продолжува, не им попуштаме

Марјан Ристески, претседател на КСОМ/Фото; Скриншот

И по еден месец од штрајкот на вработените во Управата за водење матични книги, нема ниту дијалог со Владата ниту најава дека нивните барања за повисоки плати ќе бидат исполнети, реагираат од Независниот синдикат на управа за водење матични книги  при Конфедерацијата на синдикални организации.

– Речиси месец дена штрајкуваат колегите од Управата за водење на матични книги. Ваков арогантен однос од страна на Владата и институции досега не сме имале. Вработените се сложни да истраат во штрајкот. Се врши притисок врз штрајкувачите, им се закануваат дека ќе земат 40 проценти помала плата и има закани за преместување да работат во друг град. Тие притисоци нема да ги дозволиме. Јавно кажувам што сакаат нека прават, не и им попуштаме, дециден е  Марјан Ристески, претседател на КСОМ.

Независните синдикаци реагираат зошто се исклучени од социјалниот дијалог со Владата каде како главен преговарач се јавува Сојузот на синдикатите на Македонија.

– Она што се случува со ССМ и Владата не не интересира. Без вклучување на независните синдикати во социјалниот дијалог нема да има мир во Македонија. Апелирам да седнеме на заедничка маса, да најдеме решение. Дали владата почнува да ги дели и вработените, дали е влада на сите граѓани или почна да ги бира, дали се подобни, дали имаат намера да продолжи дијалогот со независните синдикати, прашува Ристески.

Во Управата за водење на матични книги има 500 вработени, и најголем дел од нив речиси цел месец се во штрајк. Синдикаците од КСОМ кои го организираа овој штрајк најмногу ги боли тоа што се никој не разговара со нив, туку само со ССМ.

– Ова им е игра. Овие бараат 2.800 денари, овие не им даваат. А 2.800 денари не се ништо на оваа инфлација. Пари има, милијарада ќе се задолжат. Не може во државата еден синдикат само да разговара. Има 650 000 вкупно вработени во администрацијата, а ССМ нема повеќе од 40 000 членови. Мора да се дозволи плурализам во синдикалното движење, дециден е Ристески.

Тој за среда најави блокада на Министерството за финансии, но не кажа како ќе изгледа тоа. Ристески нагласи дека вработените во Управата за водење матични книги кои штрајкуваат имаат притисоци од своите надредени, но тие нема да попуштат.

Веќе еден месец во Управата за водење на матични книги поради штрајкот се издаваат само итни документи. Независните синдикаци побараа колективен договор на ниво на работодавач, линеарно покачување на платите и унапредување на работните позиции, што пак беше одбиено од страна на Министерството за правда кое го оцени предложениот колективен договор спротивен на Законот за административни службеници.

Управата за водење матични книги според ревизијата во 2019 година издала вкупно 21.957 изводи погрешни изводи, односно 4 проценти во вкупно издадените изводи биле со грешки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот