Рингишпилот во нашата глава

Ѓорге и Оливера Балашевиќ

Само во Белград немаше спонтано собирање првата вечер. Како, зошто? Дали Белград остана рамнодушен кон човекот кој најголемите работи ги беше направил токму во овој град, или е тоа само дефинитивен доказ дека престолнината на Србија има емигрирано на Твитер, Фејсбук и Инстаграм, каде што сите имаа нешто да соопштат за српскиот Боб Дилан?

Не постои ништо посилно на овој свет од неорганизираните работи… Како што се случи со спонтаните собирања низ градовите на поранешна Југославија по ненадејната смрт на Ѓорѓе Балашевиќ.

Нема ништо поважно од тоа за некого да можете да просудувате врз основа на неговите дела, а не врз основа на анегдотите и приказните од луѓето кои се самопрогласуваат за нечиј пријател, како во случајот на Ѓинѓиќ, на пример.

Смртта на Ѓорѓе Балашевиќ ги исполни и двата услови. Се покажа по стоти пат дека Германија може и да го протера Штефан Цвајг, но дека само неговото име ќе остане во нејзината историја, за разлика од тогаш популарните нацистички писатели, чии имиња ќе ги заборават и нивните деца. Така ќе биде додека еднаш не победи фашизмот, или некој друг мрак, иако од мрачниот Среден век главно ги паметиме хуманистите.

Феноменот на Ѓорѓе

Смртта на Балашевиќ, сепак, беше и еден феномен. Кирилица во Загреб, песни во Сплит, градоначалникот на Љубљана присутен на приватниот погреб, сочувства од Скопје, Подгорица, Сараево, Бања Лука… Од Патријаршијата.

Само во Белград немаше спонтано собирање првата вечер. Како, зошто? Дали Белград остана рамнодушен кон човекот кој најголемите работи ги беше направил токму во овој град, или е тоа само дефинитивен доказ дека престолнината на Србија има емигрирано на Твитер, Фејсбук и Инстаграм, каде што сите имаа нешто да соопштат за српскиот Боб Дилан?

Мислам дека е ова второто, заради што Марк Цукерберг би требало во белградскиот Дом на младина да ја спроведе првата, втората и третата фаза од истражувањата за влијанијата на социјалните мрежи. Белграѓаните запалија свеќи кога стигна повикот од Фејсбук, но покажаа дека дефинитивно се наоѓаат во некоја состојба на „внатрешна емиграција“, како во СССР. Ем се тука, ем како да не се.

Југославија духовно умре

Загрепски „Јутарњи лист“ прв објави дека со смртта на Балашевиќ се означи духовната смрт на Југославија. Тоа не може да се исфолира. Не е доволно да кажете дека Трамп ги сака жените (немој, бе?!) или ако сте некаков ултрадесничар дека немате ништо против геј популацијата (еве, на цел свет му е полесно заради еден идиот).

Работите, на крајот, секогаш го добиваат своето вистинско име. Како и кај Гага Николиќ, Оливер Драгоевиќ, Мира Фурлан, Балашевиќ. Кој си го создал името во голема држава, тој е голема ѕвезда.

Сето друго е од локален карактер, вклучувајќи го и големиот град, кој заеднички го создадовме.

И затоа луѓето, со право, почувствуваа дека ова е крај на една илузија за заедничкиот југословенски културен простор. Реално, тоа и немаше некоја шанса. Можеби некои писатели во иднина ќе раскажуваат за заедничкиот јазик, можеби и некој ситком ќе си го пронајде патот до гледачите, но нема да има веќе ниту еден магазин, како некогашниот загрепски „Старт“, кој во Србија ќе продава 100.000 примероци по број.

Значи, нема единствен југословенски културен простор. Јалова е приказната за „мини-Шенген“ колку што беше словенечкиот обид за стопански пробив во раскршената Србија во 2000-та година.

Некои други, овдека, се господари. Нам ни остануваат мафијата и народњаците, сосема спротивна работа од она што го претставуваше Ѓорѓе Балашевиќ.

И затоа неговиот концерт во Сараево во 1998 година беше историски. Тоа беше вербата дека работите можат да се поправат со истата брзина со која се расипаа. Еве нè 25 години подоцна, а уште сме подалеку отколку онаа вечер во Скендерија. За 25 години ќе бидеме и уште подалеку.

Едноставно е тоа. Кога ќе тргне насилството, па уште и онакво насилство, во семејството, во кафеаната, во општеството… Готово е.

Сараево му веруваше на Белград

Денеска имаме народи кои се препираат околу Дара и Аида; уште полошо, кои ги имаат Дара и Аида, а очекуваме да се разбудиме во „американски сон“ во кој Гага, преку ноќ, ќе стане Спилберг (моравме ли токму да се споредуваме со „Шиндлеровата листа“?), а дека нацијата ќе си го пронајде мирот со еден филм, кога веќе не можеше со вечен споменик во кого ќе впише 20.101 со име и презиме попишани деца во еден таков логор во историјата.

Какво мислење имаме ние за себе, што ни помага во спортот, но во животот од нас прави инфантилци, кои мислат дека по кавгата за видеоиграта можат заедно да отидат на сладолед.

Така и Сараево на почетокот од деведесеттите веруваше дека Белград тоа нема да го дозволи. А тенковите прво излегоа на нашите улици. И уште тогаш се виде дека Балашевиќ не може да победи. Како што беше јасно и во 1998 и во 2000 година.

Како што се гледа и денеска. Тоа е нашата трагедија. И овде и таму. Тоа е рингишпилот во нашата глава…

Преземено од „Недељник“ од Белград

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот