Ринги, ринги, рингишпил

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Сега сите надежи се во Данела. Ќе успее ли таа да го реализира она што не успеаја нејзините претходници? Ќе добие ли Скопје конечно Луна парк?

Трет по ред скопски градоначалник тврди дека кај и да е, главниот град повторно ќе има Луна парк. Приказната ја почна Коце Трајановски, кој „стави клуч“ на стариот забавен парк каде израснаа генерации скопјани. Петре Шилегов потоа сосема го измени проектот на неговиот претходник, ама Луна паркот не го бидна. Сега Данела Арсовска продолжува каде што застана Петре – на (полу)голата ледина каде што некогаш беа омилените реквизити за забава на најмладите скопјани, повторно да се создаде простор во кој децата, па и возрасните, ќе се забавуваат и ќе се радуваат. Таа ветува дека уште годинава тоа ќе се случи. Ајде да видиме!

Стариот Луна парк беше изграден во 1973 година и функционираше до 2017 и, замислете, за целиот тој период, значи цели 44 години, ниеднаш не бил реновиран, ниту пак реквизитите биле заменети со нови. Си функционираше со тековни поправки; тоа е нашиот познат систем на одржување на нештата. Пред да биде затворен, одреден период не работеше Панорамата поради безбедноста на посетителите. Сепак, и без неа, овој простор беше еден од најпосетените во градот, особено во текот на викендите, затоа што немаше (а и сега нема) друго такво место во Скопје.

Постарите генерации се сеќаваат дека пред неговата изградба, постоеше мал забавен парк кај некогаш популарниот ресторан „Езерце“ (од кој со години, како споменик од минатото, стојат урнатини што никому на памет не му паѓа да ги тргне). Во тој мал забавен парк имаше рингишпил, мало вовче и лулашки како чамци, кои ги радуваа децата. Затоа што на децата и не им треба многу за игра и радост.

Сега Скопје веќе цели пет години нема Луна парк. Има само „заменски“, повремени забавни паркови (како оној што сега се поставува покрај СЦ „Борис Трајковски“) кои се повеќе наменети за возрасни, отколку за деца, поради таканаречените адреналински реквизити. Има и рингишпили поставени во некои населби низ градот. И детски игралишта. Толку.

Трајановски пред крајот на својот мандат го затвори стариот Луна парк, откако претходно трипати безуспешно на тендер се обидуваше да најде концесионер кој би го осовременил паркот, а за возврат би можел да управува со него 30 години. Откако тоа не успеа, реши Градот да го прави сам, етапно, во фази. Изградбата почна во април 2017 година по идеен проект на „Билд урбан“. Според проектот во паркот, требаше да се постават вкупно 27 реквизити, од кои 3 адреналински, 6 семејни и 18 детски, како и разни видови лулашки, вртелешки и тобогани. Дури беа набавени седум нови реквизити.

Година дена подоцна, Петре Шилегов ја запре изградбата и реши да го гради по нов проект и на поголем простор од претходниот, кој би ги опфатил и летните дискотеки. Наместо Луна парк, тој рече ќе се прави Забавен парк. Демек, по теркот на градовите низ светот. Се правеше проект, па едно, па друго, но не дочекавме нов Луна парк, туку пандемија на ковид-19 (коронавирусот, главниот виновник за сите светски неволји во последните две-три години).

Сега сите надежи се во Данела. Ќе успее ли таа да го реализира она што не успеаја нејзините претходници? Ќе добие ли Скопје конечно Луна парк?

Според изјавите на Арсовска, периодов треба да започне партерното уредување на просторот, да се постават веќе набавените седум реквизити и да се спроведе „тендерирање“ за да се набават уште 20 што се предвидени во проектот.  Градоначалничката вети дека Луна паркот ќе проработи уште годинава, после летото, дека нема да чека 4 години за да го направи тоа.

Многу ветувања слушнавме во стилот – ќе биде, само што не било – за толку лесно да поверуваме сега. Не веруваме на зборови. Чекаме. Броиме месеци. И веќе не прифаќаме оправдувања.

А во меѓувреме, подобро ич да не прашуваме како на просторот пред „Борис Трајковски“ повторно се постави забавен парк, ниту кој дал дозвола, кој гарантира за безбедноста на посетителите и такви слични прашања. Веќе знаеме дека сите ќе се прогласат за ненадлежни – и Град Скопје и Општина Карпош. И ќе се „вадат“ дека Луна паркот се поставува на приватно земјиште, па дека не треба нивна дозвола.

Сите, всушност, си страдаме од тоа што никој не е надлежен!

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот