РИК ги прогласи конечните резултати од парламентарните избори во Србија, конститутивна седница до 4 август

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

По неколку повторени гласања во Велики Трновац кај Бујановац, Републичката изборна комисија на Србија денеска ги објави конечните резултати од парламентарните избори одржани на 3 април годинава, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти претседателот на Републичката изборна комисија (РИК), Владимир Димитијевиќ, според конечните резултати, листата околу Српската напредна партија „Александар Вучиќ – Заедно можеме се” ќе има 120 пратеници, опозициската Обединети за победа на Србија 38, СПС 31, коалицијата НАДА 15, коалицијата Мораме 13 и Двери и Заветници по 10 претставници.

Сојузот на војводинските Унгарци ќе има пет претставници, Муфтијиниот аманет тројца, Заедно за Војводина и СДА Санџак по двајца, додека Коалицијата на Албанците од долината (Прешевска) ќе има еден претставник.

Сите други листи кои учествуваа на изборите не го поминаа потребниот цензус и нема да имаат пратеници во новото свикување на српското Собрание, што брои 250 пратеници.

-Првата седница на парламентот на која ќе се верификуваат мандатите ќе ја закаже претседателот на собранието од претходното свикување (Ивица Дачиќ) 30 дена од објавувањето на резултатите. Во следните десет дена ние ќе им ги доделиме мандатите на пратениците според редослед што го имаа на избирачките списоци, рече Димитријевиќ.

Рокот за одржување на конститутивната седница на Собранието на Србија е 4 август, по што тече рокот од 90 дена за избор на нова влада.

Вчера, лидерот на СПС, Ивица Дачиќ, изјави дека очекува до крајот на јули да се конституира новото свикување на српското Собрание и релативно брзо да се формира новата Влада на Србија, а кога е во прашање формирање нова владејачка коалиција, тој оцени дека тоа е одлука на најголемата партија –СНС (Српска напредна странка), која ги диктира темпото и условите и дека СПС (Социјалистичката партија на Србија) е подготвена „да можат да постојат и други решенија”.

-Мислам дека е практично невозможно да се формира нова влада до крајот на јули. Бидејќи до крајот на изборниот процес ќе ни требаат уште најмалку седум дена. Реално е до крајот на јули да одиме на конституирање на парламентот, изјави Дачиќ кој додаде дека „кога ќе го добие конечниот извештај од РИК, обврска му е да ја одржи конститутивната седница на Народното собрание во рок од 30 дена”. о

Видео на денот