Саудиска Арабија го обвини Иран за доставување на ракети и на беспилотни летала на Хутите во Јемен. Тоа го изјави полковникот Турки ал-Малики, кој воедно е портпарол и на воената коалиција предводена од монархијата против Хутите.
Претходно, САД соопштија дека ќе останат посветени на одбраната на Саудиска Арабија откако Хутите пукаа врз арапската држава со беспилотни летала и ракети.
Саудиските власти информираа дека не е пријавена материјална штета во нападите врз рафинеријата Дахран. Нападите ја зголемија цената на нафтата Брент на над 70 долари за барел – највисока од јануари 2020 година.
Кон крајот на февруари беше објавено дека воздушната одбрана на Саудиска Арабија пресретнала пет беспилотни летала и балистичка ракета истрелана од приврзаниците на јеменското движење Ансар Алах (Хути).