РФМ исплати премии од пет милиони денари за репрезентациите
Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) по претходно донесена одлука на Управниот Одбор денеска ги исплати наградите на три национални селекции.
Износ од два милиони денари на машката сениорска репрезентација, за пласманот на Светското првенство 2025 кое ќе се одржи во Хрватска, Норвешка и Данска.
Износ од еден милион денари доби младинската машка селекција за освоено деветто место на М20 Европското првенство 2024 кое се одржа во Словенија.
И износ од два милиони денари за пласманот на женската сениорска репрезентација на Европското првенство 2024 кое ќе се одржи во Унгарија, Швајцарија и Австрија.
Македонската машка сениорска репрезентација обезбеди пласман на СП 2025 по одиграните бараж натпревари со селекцијата на Фарски Острови. Сениорите својот настап на Мундијалот ќе го имаат во градот Вараждин, Хрватска и ќе разигруваат во прелиминарниот дел во групата со селекциите на Унгарија , Холандија и Гвинеја.
Машката кадетска ракометна репрезентација со прикажаните одлични настапи на М20 ЕП 2024, веќе следната година ги очекува учество на Светското У21 првенство кое ќе се одржува во Полска во периодот од 18 до 29 јуни 2025 година.
Женската сениорска репрезентација обезбеди пласман на ЕП 2024 преку квалификациите, како второпласирана во групата. ЕП годинава во женска конкуренција за прв пат ќе биде организирано со 24 селекции, а нашите сениорки својот настап во прелиминарната група ќе го имаат со селекциите на Унгарија, Турција и Шведска во унгарскиот град Дебрецин.