Резолуција на ЕП во Стразбур: Светло на крајот од тунелот за членство во ЕУ

Илхан Ќучук
Илхан Ќучук / Фото: МИА

Новата стратегија не е обврзувачка, но е добар чекор за земјите кандидати зашто дава јасни рокови за завршување на преговорите за членство и предвидува гласање со квалификувано мнозинство, изјави за „Слободен печат“ европратеникот и известувач за Македонија, Илхан Ќучук.

Европскиот парламент со големо мнозинство гласови ја усвои Резолуцијата за проширување, чиј автор е хрватскиот социјалистички пратеник Тонино Пицула.

Текстот на Резолуцијата заклучува дека проширувањето е најефикасна надворешна политика на ЕУ и дека тој процес е инвестиција во просперитетот на Европа. Истовремено им препорачува на земјите членки да го прекинат застојот и заморот од проширувањето и да го заживеат процесот.

Резолуцијата нема законска сила, не е обврзувачка, но, како што ни изјави европратеникот и известувач за Македонија Илхан Ќучук, ова е добар чекор на Европскиот парламент, чија цел е да стави фокус на надворешната политика кон проширувањето.

– Резолуцијата предвидува одлуката за почнување преговори и за отворање поглавја да се носи со квалификувано мнозинство. Но, за да се примени тоа, треба согласност од сите земји членки. Процесот е сложен, но намерата е добра. Тоа е чекор кон дополнителна интеграција на Западен Балкан. Сепак, фокусот треба да остане на реформите – вели Ќучук во изјава за „Слободен печат“.

Во документот понатаму пишува дека владеењето на правото треба да биде во центарот на процесот, а секоја земја кандидат да биде оценувана според сопствените заслуги.

– Новата стратегија треба да даде јасни рокови за завршување на преговорите за членство на крајот на оваа деценија. Да се воведе гласање со квалификувано мнозинство за почеток на преговори, како и за отворање и затворање поглавја. Конечната одлука треба да биде донесена едногласно, но ваквиот начин на одлучување би дал кредибилитет на процесот и би покажал дека некои проблеми можат да бидат решени преку преговорите за членство. Не смееме да губиме време – рече Пицула на дебатата за Резолуцијата.

За земјите кандидати во документот е предложен фазен прием во европската политика, во иницијативите и во единствениот пазар, вклучувајќи пристап до европските фондови, што би овозможило граѓаните да ги почувствуваат придобивките од членството уште во текот на преговорите.

Во текстот уште се наведува дека Советот „ги изневерил земјите кандидати затоа што го блокираше процесот на пристапување и не ги исполни долгогодишните ветувања на ЕУ“, што предизвика одложување на почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, а „недостигот на акција и кредибилитет на ЕУ во последните неколку години создаде вакуум и на тој начин отвори простор за Русија, Кина и за другите злонамерни актери“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот