Режисерката Витошевиќ: Вистинските сведоштва во претставата се посилни од кој било драмски текст

Режисерката Нела Витошевиќ, гостинка во Утрински брифинг/ Фото: Слободен печат

Новата претстава на режисерката Нела Витошевиќ, „Работи за кои не зборуваме“, на 16 октомври (сабота) премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Македонскиот народен театар (МНТ). Се работи за претстава која не е работена според драмски текст, туку се базира на вистински сведоштва.

„Овој проект ми е особено драг, затоа што јас и тимот што го работиме застанавме пред празен лист хартија и размислувавме за темите кои сметаме дека е важно во моментов да им дадеме театарски фокус. Со концептот аплициравме во Швајцарската амбасада и во Министерството за култура и добивме средства да го реализираме проектот. Најголем предизвик за мене беше тоа што никогаш досега не сум се нашла во ситуација да немам буквално никаква текстуална предлошка. Идејата ја крстивме „Работи за кои не зборуваме“ и од таму тргнавме, направивме повик за сите што сакаат да ги споделат своите искуства. Најголем број сведоштва добивме на темите за женското прашање и патријахалното уредување и сите аспекти кои тие ги повлекуваат. Интересен факт за мене беше тоа што тематските оски за кои ние се определивме да зборуваме беа оние за кои добивме и најмногу сведоштва, практично од 90 отсто од споделените искуства и приказни беа од жени, додека само пет отсто беа од мажи. Главните теми во тие сведоштва се злоставувањето и насилството, навистина се зачудивме колку многу добивме такви женски приказни и на овој материјал додадовме и неколку новинарски текстови за овие проблеми, како што се интервјуата на актерките од Белград кои го обвинија за злоставување професорот по глума Мика Алексиќ, случај кој што охрабри многу други злоставувани девојки да се охрабрат, да ги споделат своите приказни на социјалните мрежи и да се тргне кон решавање на овој заташкуван проблем за кој не се зборува и не се постапува како што треба поради некои воспоставени општествени стеги. Водени од ова ги баравме причините што довеле до овие однесувања – од воспитувањето во детството, па до некои сегашни ситуации, значи ставивме акцент на патријахалното балканско уредување. Овие теми ги поврзавме со лични монолози на актерите и пробавме да копаме по нашето дестство, траумите, по нашите животи.

Нашата идеја беше да им дадеме глас на проблемите за кои што не се зборува со тенденција да дојде до промена во општеството. Мислам дека уметноста ја има моќта да го прави тоа“, вели за Утрински брифинф, режисерката Нела Витошевиќ.

Драматург e Викторија Рангелова-Петровска, а играат Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски и Исмет Шабановиќ. Сценографијата е на Васил Христов, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, користена е музика на Крсте Роџевски. По преиерата во сабота, наредните изведби се закажани за 19 и 21 октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот