Резервирајте си го 27-ми септември за „Дали сум јас тоа име или таа слика“

Фото: Фејсбук

Музејот на современата уметност – Скопје за првпат во историјата е домаќин на Музејот на современа уметност „МОМус“ од Солун, соседна Република Грција. Па така, на 27 септември (петок) со почеток во 20 часот, ќе биде отворена голема постановка со наслов „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ (Am I That Name or That Image?). Ова е прво претставување на солунскиот Музеј на современа уметност пред македонската публика со дела од нивната колекција.

Во МСУ ќе бидат изложени дела од 16 автори. Паралелно со главната програма, на 28-ми септември предвидена е серија перформанси на грчки уметници.

Фото Фејсбук

-Возбудени сме што со музејот во Солун успеавме да воспоставиме блиски врски и што со заднички сили можеме да продуцираме значајни проекти. Нашата географска близина од Музеј на современа уметност во Скопје до Музеј на современа уметност во Солун е потенцијал што мораме да го искористиме. Живееме во регион кој претрпе и продолжува да страда од последици на национализам и транзиција, бурни социо – политички промени. Соработките нè зближуваат, а изнаоѓањето заеднички решенија и доаѓање до нови и ефективни модели на соработка, се рефлектира и во програмските активности на двата музеи, и во можноста за нови идни институционални билатерални соработки, – истакна директорката на МСУ во Скопје, Мира Гаќина.

Кураторка Сираго Цијара на изложбата „Дали сум јас тоа име или таа слика?“ која наскоро ќе биде отворена во МСУ, вели:

-Уметниците, кои се учесници во постановката даваат критички осврт на наивната сигурност на основната дистинкција помеѓу постоењето и неговото измислување, помеѓу реалното претставување и фалсификувањето. „Реалноста“ на меѓучовечкиот однос е нарушена и одново воспоставена, во согласност со имиџот, маската и идеалниот модел што го конструираме за самите себе. Поради тоа и дигиталните медиуми, како фотографијата, интернетот, видеото и проекцијата, се користат во толку голема мера при визуелните претставувања на самиот себе.

На отворањето на изложбата во Скопје пристигнуваат и кураторката Сираго Цијара, куратори асистентите Домна Гунари, Ерини Папаконстантину, член и претседател на Управен одбор на музејот, Андреас Такис и в.д. директорка на MOMus-Музеј на модерна уметност, Мариа Цацаноглу.

Не пропуштајте го настанот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот