19.8 C
Скопје

Револуцијата на „Некст тајм“: Од млади и неискусни до бенд кој поврзува генерации

Музичкото дуо „Некст тајм“, составено од двајцата харизматични браќа близнаци Мартин и Стефан Филиповски, се појави на македонската сцена во 2008 година, а веќе следната година ја претставуваа нашата земја на Евровизија во Москва.

Се појавија како млади и амбициозни музичари, чии песни, искрено, барем за мене, беа премногу меки, тоа беше рокенрол и беше добро што такво нешто се појавува  во Македонија, меѓутоа без некоја посебна цврстина, па затоа на нивните настапи повеќе присуствуваше многу помлада публика.

Како и да е, генерално, публиката ги прифати уште на почетокот, меѓутоа и покрај споменатиот настап на Евровизија и неколкуте освоени награди, сепак некако како да имаше нешто недоречено, нешто недокажано од нивна страна.

Недоставуваше цврстина, карактер, кој се забележуваше дека постои некаде длабоко во нив, меѓутоа и понатаму скриен од површината.

Со текот на годините, тие не се менуваа, а иако очекував во секој момент да преминат на некој цврст рок и на еден начин да го „оправдаат“ својот рокерски имиџ и стил, тоа никогаш не се случи, па во една рака останав разочаран од овој македонски бенд, за кој од секогаш верував дека поседува многу поголем потенцијал.

Меѓутоа, на мое големо изненадување, а верувам и на поголем дел од македонската публика, „Некст тајм“одговори на вистински начин.

Не сум запознаен со тоа како се пронашле и како влегле во оваа приказна, меѓутоа, преработките на старите македонски народни песни почнувајќи од „Ја излези Ѓурѓо“, преку „Слушам кај шумат шумите“, па до неодамна објавената нумера „Нешто ќе те питам бабо“, дефинитивно е правецот по кој се надевам дека ќе продолжат да се движат и во иднина.

Се сеќавам дека се враќав од работа, а дома беше пуштена нивната прва преработка на песната „Ја излези Ѓурѓо“, погледнав во телевизорот и го препознав музичкото дуо од „Некст тајм“. Автентичен спот, токму каков што одговара на македонската традиција, фантастично надополнета кореографија со нивните прекрасни вокали и една несекојдневно добра изведба, беше тоа што ми го одзема здивот.

Едноставно не можев да поверувам дека ова се истите изведувачи кои, како што веќе споменав, се појавија со долги коси и во еден сосема рокерски стил настапија на македонската сцена.

Изненаден, иако во себе пресреќен, го изгледав спотот и песната која ме воодушеви, па и до ден денеска морам да кажам дека со нетрпение го очекувам и со голема возбуда го следам секој нивен нов спот и секоја нивна нова песна.

Со истиот восхит и возбуда ја слушав и нивната најнова преработка на старата македонска песна „Нешто ќе те питам бабо“, за која малку е ако кажам дека е вистинско ремек-дело.

Преработка на стари македонски песни не е лесна работа, тука се преработува целата традиција на еден народ, една цела епоха, една енергија која повеќе ја нема, но овие момци нè враќаат во времето преку секоја своја нова песна и секој свој нов спот. Овие музичари сега спојуваат повеќе генерации, па дури сега се она вистинското, она што го очекував од нив уште од самиот почеток.

Цврстината за која ви зборував дека ја барав во нивните песни и секогаш останував разочаран кога не можев да ја најдам, сега веќе е тука и дури и повеќе од тоа.

„Некст тајм“ со својата последна преработката на песната „Нешто ќе те питам бабо“, покажаа дека се навистина созреани и подготвени за понатамошните музички предизвици, покажаа дека се бенд со кој навистина треба да се гордееме, па останува да се надеваме на нивни уште поголеми успеси и во иднина.

Поврзани вести

Бугарија братски ја подржува Албанија, но не и Македонија

Љубиша Николовски

Да бидеме отворени без оглед на минатото

Владимир Путин

Диктатурата е подобра од демократијата?

Џабир Дерала

Македонија пред крстопатот на ЕУ

Ивица Челиковиќ

Пандевијата заврши, Горан може мирно да заспие!

Милорад Стојмановски

Добро утро џезери

Ѓорѓе Краишник/Ослобоѓење

Остави Коментар