Ревизорски извештај: Ѝ треба реформа на реформата на јавната администрација

Илустрација: Администрација / Фото: Архива на „Слободен печат“

Реформата за јавната администрација е реализирана половично, а главна причина што граѓаните сè уште немаат професионална и ефикасна јавна администрација е што не се донесени клучните закони – за вработените во јавниот сектор, за административните службеници, како и законот за високата раководна служба, констатира Државниот завод за ревизија. Во Извештајот за успешност на реформата на администрацијата како проблем се наведува тоа што се одолжува реорганизацијта на државните органи, што нецелосно се реализираат планираните активности, како и што нема доволно стручен кадар.

– Според новата методологија за пристапување кон ЕУ, реформата на јавната администрација е област што е дел од преговарачкиот процес во кластерот  Фундаментални вредности, па ДЗР ја изврши ревизијата за да се даде одговор на прашањето дали преземените активности од надлежните институции обезбедуваат ефикасно спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 – велат од ДЗР.

Читањето на извештајот го наметнува одговорот „не“.

Ревизијата наведува дека процедурата за трите клучни закони почна во 2019 година, но тие уште не се изгласани – со пандемијата на почетокот на 2020 година, распуштањето на Собранието и предвремените избори процесот за законски измени беше ставен во мирување, а во септември новиот министер на МИОА реши дека наместо измени ќе се носат нови закони. Предлозите на законот за административните службеници и на законот за вработените во јавниот сектор се поставени на ЕНЕР во септември 2021 година, но и по цела година не се доставени до Владата за да продолжи постапката.

– Целта на носење закон за високо раководна служба е да се разграничи политичкото од професионалното ниво и да се утврдат линии на отчетност на високите раководители. Носењето оди со бавно темпо. На крајот на 2019 година Владата го достави законот до Собранието, во ноември 2020 година го повлече, а во мај 2022 година МИОА извести дека ќе почне со подготовка на нов предлог-закон, кој до денот на вршење на ревизијата не е поставен на ЕНЕР – се вели во ревизорскиот извештај.

Од ДРЗ наведуваат дека голем проблем е честото именување вршители на должност директори, при што од 2018 до 2021 година 52 отсто од вкупниот број именувани раководни лица се в.д. директори или в.д. заменици.

– Нивниот избор е без објавување јавен оглас што влијае врз професионализацијата на високата раководна служба, доброто управување во институциите на јавниот сектор и ја намалува отчетноста на постапката на избор на раководни лица на институциите – констатираат ревизорите.

Носител на Стратегијата за реформа во администрацијата е Министерството за информатичко општество и администрација, а ревизорите утврдиле дека во ова Министерство нема документација за тоа како е изработена стратегијата затоа што не е дел од архивата на МИОА. Лицата што управувале со овој процес не се повеќе вработени во МИОА, па не е обезбедена институционална меморија за процесот.

– Донесен е ревидиран акциски план за спроведување на стратегијата, со кој се извршени промени кај третина од планираните активности, дефинирани се нови активности, вршени се промени во роковите за спроведување и на индикаторите за мерење на успешноста, а бил намален износот на планираните пари. Утврдени се чести промени во кадровските капацитети за исполнување на реформските цели и недоволна кадровска екипираност – се вели во извештајот.

Во Советот за реформа на јавната администрација кое е највисоко политичко тело за координација на активностите од 2018 до 2022 година се извршени шест промени во неговиот состав, како последица од постојаните структурни промени во Владата. За четири години Советот одржал само седум состаноци, а последната во јули 2021 година.

– Вкупно планирани пари за спроведување на Стратегијата изнесуваат околу 30 милиони евра, при што најголемо учество, над 56 отсто, се обезбедени од фондови и инструменти на ЕУ. Од вкупно 205 планирани активности реализирани се само 106, што претставува 52 отсто реализација. Нема транспарентност, отчетност и следење на потрошените пари од буџетот на државата, бидејќи освен МИОА, другите институции немаат отворено посебна потпрограма во рамките на владината програма за реформа на администрацијата.

МИОА нема систематизирана евиденција за секоја активност од стратегијата, а во полугодишните и годишните извештаи нема податоци за планирани и реализирани средства. Четвртиот годишен извештај од 2021 година не содржи целосен финансиски преглед и дадена е анализа само за потрошени средства во износ од околу 18 милиони евра, што е 61 отсто од вкупно планираните пари за периодот 2018-2022 година – констатираат, меѓу другото, ревизорите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот