Ревизија на претседателските избори: Милиони евра исплатени, документите никаде ги нема!

Фото: МИА

За претседателите и членовите на избирачките одбори исплатени се 2 милиони евра, за тековно работење на општинските изборни комисии се дадени 49.000 евра, а за лица ангажирани во помошните тела и лица вработени во стручната служба на ДИК платени се 93.000 евра. За сите овие исплати нема целосна документација

Негативна оценка за вистинитоста и за објективноста на исплатите поврзани со претседателските избори во 2019 година даде Државниот завод за ревизија.

Ревизорите забележуваат дека пари се давале незаконито, без целосна документација, без евиденција и дека дури една третина од општинските изборни комисии (25 од 80), воопшто не поднеле извештаи за работа, иако тоа е обврска согласно со Изборниот законик, врз основа на кои се пресметува и се исплаќа надоместокот за извршениот ангажман.

За претседателските избори и за предвремени избори за градоначалници на општините Охрид, Ново село и Дебар во 2019 година за претседателите, членовите и нивните заменици во сите избирачки одбори кои се формирани за секое избирачко место, платени се околу 2 милиони евра. За овие пари има одлука, но ревизорите не можеле да утврдат дали исплатите се соодветни на таа одлука.

„Овие средства се исплатени врз основа на податоци внесени од страна на општинските изборни комисии за исплата на надоместокот за избирачките одбори. Ревизијата не беше во можност да изврши споредба на податоците внесени од страна на ОИК со податоците од одлуките за исплата на надоместоците изготвени од страна на ДИК, заради не презентирани и незачувани податоци во веб апликацијата (електронски или во хартиена форма)“, забележуваат ревизорите.

Ревизорите информираат и дека за тековното работење на секоја општинска изборна комисија се исплатени вкупно 49.000 евра.

Ревизорите објаснуваат дека  исплатата на средства за тековни трошоци што настануваат во врска со извршување на изборните активности на секоја ОИК се врши авансно, по формирање на ОИК, согласно соодветно упатство и одлука.

„Со извршениот увид во финансиските извештаи за потрошени средства и расположливата поткрепувачка документација за исплатените средства по наведените основи, ги утврдивме следните состојби: кај дел од ОИК, финансиските извештаи не содржат комплетната финансиска документација (патни налози, фискални сметки, сметкопотврди), како доказ за исплатените средства и кај дел од ОИК како прилог кон финансиските извештаи не се доставени пополнети формулари за присуство за работа (преглед за аналитичка евиденција), како и оригинален примерок од записниците од сите одржани седници. Исплатата на средствата без соодветна документација пропишана во законската регулатива претставува незаконска исплата на паричните средства“, пишува во ревизорскиот извештај.

Ревизорите утврдиле и дека по завршување на изборите, согласно донесената одлука,  исплатен е надомест од вкупно 93.000 евра на 154 лица ангажирани во помошните тела и лица вработени во стручната служба на ДИК.

„Со извршениот увид во начинот на пресметка на надоместокот за горе наведените лица утврдивме дека пресметката на надоместокот за работни компетенции и работна успешност како дел од вкупниот надоместок е извршено врз основа на критериуми кои не се квалитативно определени и мерливи, што создава ризик од можност за субјективно определување на висината на наведените критериуми и дел од доставените извештаи од координаторот на работната група не содржат податоци за времетраењето на ангажманот за извршување на работите како и времето во кое се извршени работите за спроведувањето на изборните дејства“, пишува во Ревизорскиот извештај.

Финансиските извештаи на овој извештај се одговорност на раководството на Државната изборна комисија застапувано од Оливер Деркоски, претседател на ДИК од 25.7.2018 година до 12.1.2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот