Ревизија на набавката на борбени возила за бугарската пешадија

Фото: Архива на „Слободен печат“

Мегапроектот во бугарскиот сектор Одбрана, вреден речиси една милијарда долари, веројатно ќе ѝ биде оставен за одлука на следната бугарска влада

Набавката на новите блиндирани борбени возила најверојатно ќе биде ставена во неизвесноста на иднината. Ова е јасно од интервјуто на министерот за одбрана Красимир Каракачанов за весникот „Труд“. „Најверојатно, овој проект ќе биде преиспитан“, отворено изјави вицепремиерот.

Целта на третиот голем проект за модернизација на бугарската армија е вооружување на најмалку една пешадиска бригада, најверојатно елитната 61. „Стримска“, со 150 оклопни возила од најновата генерација, што ќе ѝ овозможи да учествува што е можно поефикасно во сојузничките операции на Северноатлантската алијанса.

Од тие 150 возила, деведесет мора да бидат борбени – вооружени со 30-милиметарски автоматски топ со муниција од стандардот на НАТО, што може прецизно да гаѓа во движење, со современи противтенковски ракети, како и со најдобриот оклоп за да се обезбеди висока стапка на преживување на персоналот при реалните борбени операции. Останатите 60 возила ќе бидат помошни – тие можат да бидат полесни, помалку проодни (со погон на тркалата од 6х6, наместо 8х8), со полесно вооружување и со не толку висок степен на заштита.

Прекинување на постапката?

За целите на програмата за модернизација на армијата, бугарското Собрание одобри близу една милијарда долари буџетски пари, а две компании ја достигнаа последната фаза од наддавањето: мултинационалната „Џенерал динамикс јуропиан ленд систем“ – ГДЕЛС („General Dynamics European Land Systems“ – GDELS) и финската „Патриа“ („Patria“). На отворањето на понудите, кои не беа официјално објавени, сепак се покажа дека во обид да се исполнат сите барања на бугарската војска, двете компании го надминале буџетот за најмалку неколку стотици милиони долари. „Ова е компликувана зделка. Двете компании што беа рангирани дадоа многу повисоки цени од она што нашиот парламент го изгласа како рамка. Не би си дозволил да посакам промена на таа финансиска рамка“, коментира Каракачанов.

Понудите на Патриа и Џенерал Дајнамикс

Тоа значи дека сега има две опции – прекинување на постапката што, во услови на економската коронакриза, практично ќе значи „убивање“ на тендерот; или повторно преговарање на техничките параметри, за една од двете компании да се обиде да се вклопи во предвидениот буџет. Сепак, со натфрлање на одобрениот буџет од најмалку неколку стотици милиони долари, во двете понуди тоа би значело брутално намалување на можностите на возилата, бидејќи нивниот број е јасно утврден со одлуката на Собранието.

Од изјавите на Каракачанов, индиректно станува јасно дека тој планира „да ја шутне топката“ и да ја пренесе одговорноста за проектот на следната влада. „Нема да брзам, но мислам дека работите треба да бидат јасни до крајот на мојот мандат како министер за одбрана, за да може следниот министер да има јасна слика и да донесе своја одлука“, вели Каракачанов за „Труд“.

И изворите на „Капитал“ од секторот Одбрана потврдуваат дека нарачката за новите борбени возила на пешадијата во моментов сè уште „виси во воздух“. Според нив, нема индиции за прекинување на постапката, ниту пак се водат преговори за подобрување на понудите врз основа на промена на техничките барања. Единствениот развој на оваа тема е предлогот од Министерството за одбрана до ГДЕЛС и „Патриа“ да спроведат теренски тестови на возилата, со употреба на вистинска муниција, на крајот на февруари идната година.

Шах со ракети

Сепак, една друга, иако мала интрига се развива околу предлогот за тестирање. Според извори на „Капитал“, Министерството за одбрана и двете компании не можеле да откријат кој и во колкава мера ќе ги сноси трошоците за теренските тестови, чија цена се покажа како сума со шест нули. Најконтроверзен е фактот што војската бара да се вклучи во тестовите реален противоклопен ракетен оган. Цената на секој таков тест е околу 300 илјади долари, а од компаниите се бара да пукаат врз 3-4 од возилата, т.е. да се направат трошоци од околу еден милион долари само за ова барање, без воопшто да се знае дали ќе има финализирање на купопродажната постапка, со завршно рангирање на понудувачите. Освен тоа, оклопните возила би биле опремени со лансери на исти ракети – израелскиот „Спајк“ – што во голема мера ја прави целата вежба бесмислена. Бидејќи, едноставно, овој дел од тестовите може да се направи со модели на ракети, за да се провери дали ракетниот фрлач работи нормално.

Во оваа смисла има уште еден интересен детал: ракетите „Спајк“ се произведени од истата израелска државна холдинг компанија за одбрана, што ги прави оклопите на возилата на ГДЕЛС. „Патриа“ пак, е опремена со оклопи од израелската „Елбит системи“, која е приватна воена компанија и која, де факто, ќе мора да ги купи ракетите за тестовите од нејзиниот директен конкурент во тековното наддавање. Значи, од барањето на бугарската страна да има вистински лансирање на ракета корист, во одредена мера, има „Џенерал динамикс“.

Сепак, судејќи според изјавите на Красимир Каракачанов, оваа одбранбена мини-интрига тешко дека ќе има големо значење, бидејќи конечната (непопуларна) одлука за модернизација на копнените сили ќе ѝ биде оставена на следната бугарска влада, која и да е таа.

Преземено од Капитал.бг

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот