Ретроспективна изложба на Владимир Темков е поставена во Чифте амам

Отворање на изложбата во Чифте амам / Фотографија: ДЛУМ

Сликарот Владимир Темков е присутен на македонската и на некогашната југословенска ликовна сцена од 1980 година. Од тој период, па до денес, учествувал на многубројни изложби во Македонија и во некогашната СФРЈ, како и на многу меѓународни изложби, колонии, симпозиуми.

По повод 40-годишниот јубилеј од неговата прва самостојна изложба од 31 мај во објектот Чифте амам при Националната галерија е поставена негова ретроспективна изложба.

– Владимир Темков создава сопствена тематска матрица со заеднички обележја и компонирање на елементите во линеарни и хроматски решенија, со кои достигнува занимливо рамниште на експресивност. Иако работи на повеќе тематски и концепциски циклуси, евидентно е проткајувањето на веќе утврден ликовен модус во сите циклуси и негово постојано испреплетување.

Тунел, 2010

Со идејата дека бојата ја претставува апотеозата на светлината, тој ја гради од слика во слика, од циклус во циклус, својата сликарска поетика, во која примарна материја е бојата, како и енергијата што таа ја пренесува. Определеноста на Темков не произлегува од ликовно-стилски трендовски причини туку, пред сѐ, од нужноста на професионален однос кон работата, со креативни барања што му овозможиле да го заокружи сликарскиот циклус на просторни метафори како своевидни варијации на една тема.

Инспирацијата ја црпи од природата и природните богатства, како и од духовните извори на човековото општество од различни области, како што се литературата, историјата, традицијата, музиката, драмата, науката, односно од самиот живот. Неговите дела прикажуваат низа феномени од природата, но го покажуваат и неговиот широк културен хоризонт, каде на лирично-експресивен начин се претставени видливите, но и духовните предели од родната Тиквешија.

После дождот, 2008

Во неговите дела доминира чувството на слобода – слобода на боите и формите, испреплетување на земјата и небото, материјата и духот, облиците на реалноста, но и на сонот, при што уметникот проникнува во повеќеслојноста на видливото – стои во најавата на ретроспективната изложба на Темков.

Корења, 2017

Владимир Темков е роден во Кавадарци во 1959 година и потекнува од работничко семејство. Средно уметничко училиште и Педагошка академија завршил во Скопје, во класата на професор Ванчо Георгиевски, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, отсек графика, во класата на проф. д-р Трајче Блажевски.

Магистерски студии, отсек сликарство, завршил на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во класата на проф. Благоја Маневски. Владимир Темков е основач и организатор на Меѓународната ликовна колонија „Кавадарци – Михајлово“ од 1996 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 181, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-4.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот