Ретроспективна изложба на Тања Балаќ: Уметница со исконски порив да слика

Ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови на македонската уметница Тања Балаќ по повод 30 години нејзино творештво ќе биде отворена на 31 август во Национална галерија на Македонија во објектот Чифте амам.

Македонската уметница Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на ФЛУ во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка.

Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност. Селекција на нејзини дела од повеќе периоди ќе биде претставена на 31 август во Чифте амам. На отворањето на ретроспективната изложба на Тања Балаќ, ќе биде промовирана и монографија со наслов „Tanja Balac – 30 Years – ArtWorks“ со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари, Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.

Во текстот од монографијата посветен на сликарството на Балаќ стои дека и покрај тоа што нејзините слики делуваат како да се направени во еден здив, во едно застанување пред штафелајот, „изразните средства на бојата и ритамот на широки потези на четката“ се резултат на свесен процес што на крајот резултира со пастуозно сликана површина. „Тоа се дела на сликар; на сликар во вистинската, класична смисла на зборот. Нејзините платна имаат темпераментни потези и желба за создавање сликарски површини во кои големиот, критичниот момент што ја води Балаќ напред кон истражување нови сликарски проблеми е оној исконскиот, стариот порив на традиционалните мајстори на четката: да се слика. Таа желба да се слика, да се твори, како и бурниот ликовен израз, се сеприсутни во нејзиниот опус и не зависат од медиумот или од техниката во коишто работи“, забележува Кирил Пенушлиски.

Кон крајот на првата деценија на дваесет и првиот век, Балаќ, покрај сликарството, пастелите и колажот, сè повеќе се интересира и за видеоуметноста. Нејзините дела остварени во тој медиум често се коментар на она што се случува во светот. „Раѓањето на нацијата“ од 2016 година директно може да се поврзе со промените во Македонија и обидите за насилно, визуелно менување на културниот идентитет на градот Скопје, а со тоа и на македонската нација. Видеата „Perceptio Inversa“ и „Заглавени заедно“ може да се поврзат со големата бегалска криза.

Во својот текст, Натали Р. Павлеска, меѓу другото истакнува: „Ангажираната уметност на авторката Тања Балаќ е еден од ретките примери кои овозможуваат активна вклученост на восприемателот, на чија страна е позициониран и самиот автор, исчитувајќи го сопственото дело одново, во постојните, но и во нови значенски контексти. На моменти езотеричен и опскурен, понекогаш потполно соголен и експлицитен, поетскиот израз на Балаќ, покажува несомнено плодна продуктивност и разновидност, релевантен во поширокиот културен дискурс на овие простори“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот