Ретроспективна изложба: Интимната приказна на бардот на акварелот Теофил Шулајковски – Тофе

Изложбата ја отвори директорката на Националната галерија Дита Старова Ќерими / Фотографија: Маја Аргакијева

Ретроспективната изложба на Теофил Шулајковски – Тофе, на која се изложени 137 дела од повеќе творечки циклуси на авторот, предизвика голем интерес кај ликовната јавност, а истовремено неговите синови го остварија оставениот аманет.

Ликовниот уметник Теофил Шулајковски – Тофе без двоумење се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти. Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надоградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри, како Димитар Пандилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска.

Во присуство на синовите на Теофил Шулајковски – Емил и Тони Шулајковски со нивните семејства, како и пред многубројната публика, ретроспективната изложба на 15 ноември во Чифте амам ја отвори директорката на Националната галерија – Дита Старова Ќерими.

Изложбата на Теофил Шулајковски – Тофе предизвика голем интерес кај ликовната јавност / Фотографија: Маја Аргакијева

– Појдовен момент за организирање изложба што има ретроспективен предзнак и е посветена на Теофил Шулајковски – Тофе (Дебар, 1934 – Скопје, 2009), наш еминентен ликовен автор, е фактот што тој е еден од ретките македонски уметници што досега немале ваков вид интегрално претставување кај нас. На оваа изложба, во прекрасниот простор на Чифте амам се презентирани 137 акварели од сите творечки фази, од најраните акварели, па сѐ до последниот циклус, до сега неизложен и необјавен – рече Старова Ќерими на отворањето на изложбата.

Синовите Тони и Емил го остварија аманетот на својот татко Теофил Шулајковски – Тофе

Подготовката на изложбата е поддржана од Министерството за култура, а во нејзината реализација со голема возбуда и енергичен ентузијазам се вклучија и синовите на Тофе – Емил и Тони Шулајковски.

– Целата организација и реализација на ретроспективната изложба на мојот татко има голема интимна приказна. Секој ликовен творец некогаш во животот, или после него, има желба да му се реализира ретроспективна изложба. Првите преговори беа во 2008 година, кога Тофе беше жив, но се одложи бидејќи здравјето му се влоши и следната година замина од овој свет. Интересен е податокот што на мене и на мојот брат ни даде насоки што сака да биде изложено ако некогаш дојде до реализација на таква изложба. Ни го покажа своето приватно депо од дела што ги собирал од 1957 до 2009 година од сите објавени и необјавени негови циклуси со зборовите „кога ќе умрам сакам да ги разгледате папките со акварели, бидејќи тука има доволно материјал за било кој историчар на уметност да направи изложба“.

И навистина, кога ги отворивме папките имаше што да видиме, колекција од преку 700 дела грижно селектирани по години. Специфичноста на изложбата е што тука за првпат во јавноста се претставени дел од неизложуваните циклуси, како што се најраните дела од доцните 50-ти години со претстави на мотиви од селата во Македонија, дела од Градскиот парк и делови на Скопје сликани пред земјотресот, дела од средината на 60-те години, кои се инспирирани од актуелниот енформелен пристап, дела со апстрактни композиции создадени во раните 80-ти и последниот необјавен циклус, кој требаше да биде изложен во МАНУ, наречен „Пештерски записи“.

Кураторот на изложбата Маја Чанкуловска Михајловска навистина имаше тешка работа што да селектира од големиот материјал и после неколкумесечно селектирање и анализирање даде сопствен печат на изборот на делата. Се надевам дека со реализирањето на ретроспективата го испочитувавме последниот аманет што го остави нашиот Тофе – објасни Емил Шулајковски за „Културен печат“.

На отворањето на изложбата беше присутно целото семејство на Тофе / Фотографија: Маја Аргакијева

Творечката активност и значењето на Теофил Шулајковски – Тофе за македонската ликовна уметност се препознаени и валоризирани од страна на критиката во однос на неговиот видлив и специфичен интерес кон природата, а подоцна и креативното транспонирање на културите на изминатите цивилизации, забележува Маја Чанкуловска Михајловска, виш кустос, во својот текст кон изложбата.

– Во контекст на тоа размислување, од посебно значење би било настојувањето на Шулајковски, како и на уметниците со блиска или слична инспирација, врз творењето на еден ликовен свет со морфологијата на старите облици приближен до сензибилитетот на нашето време. Тој со своето творештво постојано внесува лични иновации, како предизвик кој си го поставил самиот пред себе со цел да го надмине.

Во таа смисла треба да се почитува и вреднува неговиот придонес во македонската уметност преку следењето на една сопствена ликовна патека која помина низ повеќе препознатливи насоки, од кои тој го одбра оној сензибилитет што најсоодветно можеше да го транскрибира визуелниот дискурс со доминантно лирско чувство, во кој преовладува една меланхолична атмосфера – заклучила кураторката Маја Чанкуловска Михајловска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 155, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 19-20 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот