Ретроспектива на вчерашните партиски активности на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски: Ниту антиквизација, ниту севернизација, ќе го промовираме македонизмот

Освен што ја критикуваше политиката на актуелната власт, нарекувајќи ја „севернизација“, Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ја критикуваше и онаа на неговиот претходник Никола Груевски за антиквизацијата, нарекувајќи ја својата политика „промоција на македонизмот“.

– Нема да одиме во крајноста на антиквизацијата, но истовремено нема да одиме во крајноста и на севернизацијата туку ќе одиме право во срце и ќе го промовираме македонизмот, македонизмот кој што ќе биде основна алка која што ќе ги обединува сите граѓани на Македонија без разлика на нивната етничка припадност. Ќе успееме така што ќе ја вратиме правната држава, каде што ќе нема привилегирана каста на луѓе и политичари, каде што секој оној кој што се огрешил пред законите и се осрамотил пред граѓаните ќе одговара без политичка интервенција. Тоа е првиот чекор за да успее македонизмот , тоа е срцето на Македонија , како да успее македонизмот, сето останато е политичка алатка и лага, рече Мицкоски објаснувајќи што подразбира под македонизам.

– Не треба никој од нас да биде среќен зошто ние добивме не во Брисел. Треба да сме сите тажни бидејќи не добивме поради корупцијата, арамилукот, пашалукот и криминалот на тој што сакаше да ја приватизира европската иднина на нашата држава и на нашите граѓани, рече вчера лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во Драчево во рамки на „Разговори за обнова на Македонија“, кој ја обвини власта дека европската иднина ја претворила во политичко да се биде да или не на Зоран Заев.

Тој рече дека битката за Европската унија била основната цел на ВМРО-ДПМНЕ уште од нејзиното формирање јуни 1990 година кога, како што рече „овие од СДСМ југоносталгичарите уште се колнеа во Белград и Москва“.

– Ние сме граѓани на Европа, ние припаѓаме во Европа и таму е нашата иднина, сите вие, сите ние сме европски граѓани и заслужуваме таква иднина со систем на вредности кој што е многу поразличен од тоа што денеска го нуди Зоран Заев и СДСМ, рече Мицкоски.

Истакнувајќи дека ВМРО ДПМНЕ отворено застана во поддршка на земјоделците, Мицкоски го критикуваше односот на власта кон денешниот протест на земјоделците пред владата.

Генералниот секретар на партија, Игор Јанушев пак од Штип порача дека изборите во април ќе бидат крај за актуелната власт.

– Крајот на Заев се гледа, власта паѓа првиот значаен датум е 3 јануари кога ќе се формира техничката влада која ќе ги спроведе изборите на 12 април, а на 13 април веќе Зоран Заев СДСМ и сите останати од неговата криминална банда ќе ги пратиме во политичката историја“, вели Јанушев.

Јанушев вели се уште рано за конкретни имиња кои би биле дел од техничката влада, но уверува дека ќе бидат понудени најдобрите кадровски решенија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот