Ретроспектива на филмовите на Манчевски и премиера на „Кајмак“ на Софија филм фест

Режисерот Милчо Манчевски е на чело на меѓународното жири во Софија

Интернационалниот филмски фестивал во Софија претставува целосна ретроспектива на творештвото на најтрофејниот македонски режисер, Милчо Манчевски – неговите седум долгометражни филмови и две од краткометражните дела. На фестивалот се одржа и бугарската премиера на неговиот најнов филм, „Кајмак“.

– Ретроспектива на целосното творештво е едно од оние специјални задоволства – гледаш каде ти оди гласот. Го поминуваш животот правејќи уметност, се внесуваш и жртвуваш и убаво ти е; и гледаш дека има луѓе што тоа го следат, твојата уметност ги радува, им значи, им влијае на тоа како размислуваат – изјавил Манчевски по повод ретроспективата на неговите филмови.

Милчо Манчевски е еден од ретките македонски режисери кој ја имал честа да бидат организирани десетина меѓународни ретроспективи на неговиот опус досега. Манчевски ја има и честа да биде претседател на главното жири на 27. издание на фестивалот во Софија, кој се одржува од 16 до 31 март.

„Во последните неколку децении, Софија филм фест ѝ ги претставува на домашната публика делата на Манчевски, кои имаат извонредно влијание, демонстрираат мајсторско чувство за пресоздавање психолошки портрети и стануваат омилени на публиката. Годинава, одлучивме за овој режисер од светски ранг да ги претставиме ретроспективно неговите филмови“, соопшти Фестивалот.

Ретроспективата ги содржи филмовите „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“, „Мајки“, „Бикини Мун“, „Врба“, „Кајмак“, „Четврток“ и „Крајот на времето“. Сите филмови се добитници на фестивалски и други меѓународни награди. Манчевски последен пат гостуваше во Софија во 2020 година за да го претстави филмот „Врба“, кога доби и специјална награда на фестивалот.

Жирито предводено од Манчевски треба да го избере добитникот на Главната награда на Фестивалот од 12 номинирани филмови, а ќе бидат доделени и награди за најдобар балкански филм, за документарен филм, за бугарски краткометражен филм и за најдобар филм на младински теми.

Главно мото на годинашното изданиена СФФ е „зелената идеја“ за справување со климатските промени и заложбите за зголемување на „белите дробови“ на планетата Земја. СФФ има свои изданија и во Пловдив од 17 март до 2 април, во Варна од 24 март до 2 април и во Бургас од 30 март до 7 април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот