Решението за Косово нема да биде проблем за Македонија

И да дојде и да не дојде до размена на териториите помеѓу Косово и Србија, Македонија нема да почувствува никакви последици или турбуленции на безбедносен план. Ова го тврдат домашните безбедносни експерти и додаваат дека засега не постои никаков потенцијал за создавање проблеми во земјава, но истовремено им порачуваат на домашните безбедносни службите да бидат крајно претпазливи и да продолжат будно да ја следат состојбата кај нашите северни соседи.

Поранешниот раководител на секторот за воена безбедност и актуелен национален координатор за гранично управување Владимир Пивоваров објаснува дека сè што се случува на Балканот, вклучително и постигнувањето или непостигнувањето договор меѓу Косово и Србија, може да има директни импликации како некое стекнато право кое во соседството може да се примени.

– За среќа, големите европски сили генерално стојат зад проектот непроменливост на границите. Секоја промена на која било граница ќе предизвика незадоволство, без разлика колку таа одлука била паметна во тој момент. Во однос на Македонија, промената на границите не е посакувана варијанта, бидејќи утре може ќе му текне на некој да каже дека одреден дел од македонската територија ќе се замени со друг. Сепак, мислам дека целиот процес што го водат Приштина и Белград ќе заврши на мирен начин и дека нашата земја нема да почувствува никакви промени или безбедносни турбуленции – објаснува Пивоваров.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов во интервју за Радио Слободна Европа вели дека одамна е изградена оценката оти поделбата на Косово може да го иницира прашањето за Голема Албанија и оти поради тоа може да дојде и до негативни процеси во земјава. Но, како што додава тој, таквиот процес нема да има негативни импликации врз состојбата во Македонија.

– Тоа е поедноставена теза што долго време се пласира, но ако се случи тоа, да застанат на тој процес околу поделба на Косово, односно припојување на Прешевска Долина со Косово, а горниот дел, Косовска Митровица со Србија, сепак со сите можни ризици, моја лична процена е дека нема да има негативни импликации врз состојбите во Македонија. Во секој случај, нашата држава треба да биде претпазлива, а и службите мора да бидат активни – вели Трајанов.

И политичкиот аналитичар Џељаљ Незири вели дека евентуалното постигнување или непостигнување договор меѓу Србија и Косово, нема да претставува опасност за нашата држава.

– Земајќи го предвид форматот во кој се водат преговорите меѓу двете држави, но и инволвираноста на САД и на ЕУ, а и фактот дека има посебен американски советник за Балканот, Метју Палмер, мислам дека станува збор за сосема мирен процес, кој ќе заврши со договор и кој ќе донесе добра иднина не само за Косово и за Србија туку и за целиот Балкан, вклучувајќи ја и Македонија – вели Незири.

На почетокот на месецов, претседателот Стево Пендаровски предупреди дека земјава ја очекуваат турбуленции во следните 40 до 50 дена, а истакна и дека можното заживување на дијалогот Белград-Приштина би можело да влијае врз состојбите на Западен Балкан.

– Република Северна Македонија граничи со двете држави и затоа треба да бидеме подготвени за сите варијанти кои евентуално може да се случат во рамките на преговорите – рече Пендаровски на Советот за безбедност.

Предупредување пристигна и од премиерот Зоран Заев, кој неодамна посочи дека треба подлабоко да се анализира тоа што е на повидок и тоа што се случува меѓу Србија и Косово.

– Нашата Влада работи транспарентно и во насока да ја осигури стабилноста на земјата. Ова го правиме за да успее Македонија, да обезбедиме траен мир и стабилност. Анализирајте малку што е тоа што е на повидок меѓу двата наши соседа на северот, меѓу Приштина и Белград. Чесно и транспарентно ги водиме политиките. Знаеме да ги слушаме критиките и да се коригираме онаму каде што грешиме. Тоа е слободата и демократијата за која се бориме – рече Заев.

Џонсон: Во интерес на Косово и на Србија е да има договор

Американскиот сенатор Рон Џонсон истакна дека мора да им се објасни на народите на Косово и на Србија дека договорот што можеби не им се допаѓа, оди во нивни интерес.

– Во последните неколку години бев доста ангажиран на ова прашање. Мислам дека лидерите на обете држави согледуваат дека е во нивен заеднички интерес да ги остават разликите зад себе и да постигнат договор – изјави Џонсон.

Според него, договорот ќе биде од голема корист во однос на натамошна интеграција во европската економија, поголема слобода на патувањата, поуспешна економија, затоа што откако ќе се постигне договор ќе биде полесно да се привлечат странски инвестиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот