Решение со Бугарија? Само не во мојот изборен мандат

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Ако на наредните парламентарни избори граѓаните сепак се определат за македонските националисти, бргу ќе им стане јасно дека нивната подбуцнувачка политика кон Бугарија е погрешна и води во ќорсокак.

Посетата на бугарскиот премиер Петков ги крена надежите кај македонската јавност за брзо решавање на спорот со Бугарија, но тоа се надежи што имаат корени во самата надеж, а не во реалноста на двете општества. Патот до помирување ќе биде долг. Зашто истото она што, по двете балкански војни, некогаш го напишале членовите на комисијата на Карнеги, за војнитe, важи и за балканскиот мир. Имено, дека на Балканот не се водат битки само меѓу непријателски армии, туку меѓу цели нации.

На грчки плакат од тоа време, испишан со навредливи зборови кон бугарската нација, Гркот во борба со Бугаринот е нацртан како му гризе дел од лицето. Не се сомневам дека и од другата страна имало слични манифестации на најдлабока омраза. Велам, истото се однесува и за мирот зашто длабоко вкоренетата историска недоверба, па и омразата, изградила националистички бедеми во умовите на луѓето кои тешко се прескокнуваат дури и денес, сто години подоцна.

Преспанскиот договор со кој се промени името на нашата држава, нешто што е незамисливо според меѓународното право, но не и според меѓународната политика, беше потпишан наспроти волјата на 70 проценти од граѓаните на двете држави. Но, интересот на западниот сојуз да ја види Македонија во НАТО беше голем, па на двете страни се тргна против волјата на мнозинството граѓани. Но, затоа денес одново се враќа бранот на незадоволството со постигнатото решение. „Никогаш Северна, само Македонија“ извикуваа вчера македонските верници што скокаа по крстот во реката Вардар.

Таквото нерасположение кај народот околу промена на името, жестоката критика на опозицијата и на поголемиот дел од интелигенцијата на чело со академици од МАНУ, ја урна претходната и ја онеспособи сегашната влада на СДСМ. Готово е, целта ја постигнаа: нема веќе кој енергично да тргне во решавање на спорот со Бугарија. Едноставно, „второ предавство“ би било премногу за партијата на социјалдемократите, беше за стариот, како што е и за новиот премиер. На крилјата на тоа народно незадоволство, повикот на опозицијата за предвремени парламентарни избори по победата на локалните нема да престане. Малите партии од владејачката коалиција, пак, нема да престанат со барања да го зголемат своето влијание во македонската политика и по цена на рушење на владата. Во прашање се многу лични кариери.

Затоа, и под претпоставка оваа влада да остане на власт и наредните две и пол години, таа нема повторно да му се спротивстави на јавното мислење онака како што тоа го стори претходната со Преспанскиот договор. Тоа, имено, е губитничка позиција за секој политичар. Свесен за ова, претседателот на државата сѐ почесто се согласува со оние од опозицијата кои велат дека не ни треба ЕУ по секоја цена. Меѓутоа, ако ЕЗ ѝ беше потребна на Италија да се ослободи од страшната корупција и клиентелизмот во шеесеттите години на минатиот век, не знам од каде овој оптимизам дека самите ќе ја европеизираме Македонија.

Инаку, сега разбирам дека сум ја преценил улогата на македонската интелигенција во времето на интернетот во кое сите информации за македонско-бугарската историја им се достапни, како што ја преценив и нивната посветеност на вистината. Од историчарите, најдалеку што отиде во таа насока е претседателот на македонскиот дел на комисијата за историја Драги Георгиев чиешто интервју за Радио Канал 77, пред една година, заврши како камче фрлено во бунар. Но, барем не заврши со хистерични повици против „предавникот“. Георгиев го изјави и следново: „Историјата беше во функција на градење на нацијата и никој во Македонија не опонираше на ставовите на нашите историчари. Тие имаа слобода во бирање на документите… Ако погледнеме похрабро на тоа, ние ќе си ја зголемиме самодовербата. Да, тоа е пат по кој нашата нација е изградена и ние од тоа не треба да се плашиме. Таа нација е изградена. Имало во минатото во градењето на таа нација некои работи што не биле во ред во однос на академската наука, во однос на некои прашања што или биле тргани настрана или селективно бирани. И на документи. Имало и правење фалсификати и тоа треба да се каже“.

Некој ќе рече дека ова е премалку и предоцна. Но тоа доцнење е карактеристично, пред сè, за македонските политичари изминативе три децении кога не се правеа анализи за тоа што може да не очекува од Бугарија при влезот во ЕУ. Кога, пак, проблемот дојде до нашата врата, сите се разбегаа оставајќи го Заев сам да се справи со него како што знае и умее. Мала е утехата дека ни кај соседот не постојат анализи за последиците од ветото, како што разбравме од интервјуто на Георги Коритаров со еден бугарски европратеник. Но, ние сме тие што сме надвор, помали сме и послаби. Затоа требаше на време да му ја мислиме, а не да дозволиме Бугарија да ни стави вето после кое млекото е веќе скиселено.

Формирањето на комисиите за соработка меѓу Македонија и Бугарија има за цел не да ја смениме темата за историјата, туку да не стоиме во место додека не ја апсолвираме. Новата бугарска политика е еден вид консензус помеѓу „националпопулистите“ и „модернистите“. Напредок во економските, инфраструктурните и трговските теми, се разбира, ќе бидат од корист за двете држави и за двата народа, но расчистување со минатото и натаму ќе остане клучот што ќе ја отвори вратата кон преговори со ЕУ. Треба да се поддржат напорите на сегашната влада да ги држи отворени прозорците на соработка со Бугарија и да турка, колку што е можно, кон решение. Ако на наредните парламентарни избори граѓаните сепак се определат за македонските националисти, бргу ќе им стане јасно дека нивната подбуцнувачка политика кон Бугарија е погрешна и води во ќорсокак. Сепак, вредноста на демократскиот процес е во тоа што така барем ќе се смири стравот и агресијата на егзалтираната јавност од „ново предавство“. Потоа? Потоа, одново напред кон решение до кое ќе дојдеме кога ќе се родат државници што ќе речат: Решение во мојот изборен мандат.

 

Извор: Либертас

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот