ФОТО | Решена мистеријата за ужасната мумија што вреска: Умрела врескајќи во агонија пред 3.500 години

Фото: Принтскрин/Икс/Твитер/Sahar Saleem

Археолозите со децении ги збунува необичниот и по малку морничав израз на „мумијата што вреска“: Зошто била така балсамирана, дали некој од балсаматорите направил грешка и како всушност умрела?

Оваа необична мумија била откриена во 1935 година кога се спроведувале ископувањата во близина на Луксор, во областа на древната Теба. Експертите пронашле посебна погребна комора под гробницата на Сенмут, кралскиот архитект и наводен љубовник на славната египетска владетелка Хатшепсут, во која се наоѓале телата на неговата мајка Хат-Нуфер и други членови на семејството.

Токму во таа комора била пронајдена оваа необична мумија на позрела жена. Таа се наоѓала во дрвен ковчег, имала црна перика и два прстени од скарабеј во сребро и злато. Особено шокантен бил нејзиниот израз: устата ширум отворена и лицето во грч. Затоа и го добила називот – мумија што вреска. Нејзиниот идентитет не е утврден, но нејзиниот накит – златните и сребрените прстени со слики на бубачки скарабej, симбол на воскресението и младоста, направени од скапоцен камен јаспис – го покажале нејзиниот социоекономски статус.

 

Материјалот за балсамирање не бил евтин

– Гледаме дека таа е балсамирана со скап, увезен материјал. Ова е во спротивност со претходните хипотези дека станува збор за лошо изведена мумификација – рекла радиологот Сахар Салим од Универзитетот во Каиро, која „виртуелно ја сецирала“ мумијата користејќи КТ, електронска микроскопија и други напредни технологии, со цел да се процени нејзината старост и да се идентификуваат патологиите и нивото на зачуваноста.

Анализата покажала дека мумијата сè уште е во добра состојба, иако поминале околу 3.500 години. На жената во моментот на смртта ѝ недостасувале неколку заби, додека други биле скршени или истрошени.

– Некои од забите можеби ѝ ги извадиле. Стоматологијата се развила во стариот Египет – рекла Салим.

Боледувала од артритис

КТ скен покажал дека „мумијата што вреска“ била висока 1,54 метри за време на нејзиниот живот и дека таа починала на 48-годишна возраст. Таа боледувала од благ артритис на ‘рбетот, што е видливо поради присуството на остеофитите, односно коскени израстоци. Салим не го пронашла резот кој често е присутен при балсамирање, а во мумијата сè уште се наоѓале мозокот, срцето, белите дробови, црниот дроб, слезината, бубрезите и цревата.

Ова е малку невообичаено, бидејќи класичниот метод на мумифицирање во Новото кралство (периодот во историјата на древниот Египет помеѓу 16 и 11 век п.н.е.) вклучувал отстранување на сите органи освен срцето. Спектроскопијата ФТИР покажала дека жената била балсамирана со смрека и темјан, скапи материјали кои Египет ги увезувал од источниот Медитеран и Африка, односно од Јужна Арабија.

Природната коса на мумифицираната жена била бојадисана со кана и со масло од смрека. Долгата перика, изработена од влакна од палма од урма, дополнително била обработена со кристали од кварц, магнетит и албит; веројатно со цел да се зајакнат прамените и за вештачката коса да ја добие саканата црна боја, која кај старите Египќани ја симболизирала младоста.

Причината за ужасниот израз

Бидејќи експертите не пронашле очигледна причина за смртта, се поставува прашањето како дошло до овој морничав израз на лицето. Со оглед на тоа дека се користел скап материјал, очигледно е дека не се работи за некое површно балсамирање при што невнимателните Египќани заборавиле да ѝ ја затворат устата на починатата.

– Изразот на мумијата може да укаже на каталептична вкочанетост. Жената најверојатно умрела врескајќи од агонија или болка – претпоставува Салим.

Каталептичната, односно моменталната мртвечка вкочанетост е ретка форма на мускулна вкочанетост која се појавува во моментот на смртта, а поради која телото останува во иста положба сè до почетокот на мртвечката вкочанетост.

Овој тип на вкочанетост обично се поврзува со насилна смрт, голема болка пред смртта и интензивни емоции.

– Веројатно го мумифицирале згрченото тело пред тоа да се опушти, поради што останал овој израз на лицето и устата. Исто така, можно е балсаматорите да не можеле да ја затворат устата поради згрчените мускули – додала Салим, пишува „Дејли мејл“.

Д-р Сахар Салим ја водела студијата објавена во петокот во магазинот „Фронтиерс ин медисин“ (Frontiers in Medicine).

Другите фотографии од мумијата што вреска можете да ги погледнете ТУКА.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот