Републиканците му се верни на својот претседател

Доналд и Меланија Трамп по обраќањето на претседателот од Белата куќа / 4 ноември 2020 / EPA-EFE/CHRIS KLEPONIS / POOL

Поддршката за Трамп, како што објави „Ју-ес-еј тудеј“, во голема мера е непроменета и по вториот процес за негов импичмент во Сенатот. Анкетата покажува дека 59 отсто од избирачите републиканци изјавиле дека ќе го поддржат на избори за претседател, 46 отсто се подготвени да поддржат негова партија, ако тој ја создаде, а 27 отсто изјавиле дека нема да ја сменат партијата

Мнозинство од американските граѓани што традиционално гласаат за  кандидатите предложени од Републиканската партија се подготвени да го поддржат Доналд Трамп на следни избори за претседател на САД. Половина од нив се дури подготвени и да го поддржат Трамп ако тој формира своја  партија, се дознава од новата анкета на весникот „Ју-ес-еј тудеј“ и Универзитетот Сафолк.

Весникот пишува и дека во партијата моментално се водат внатрешни прегрупирања, пред главниот републикански настан – Конзервативна политичка акција (КПАК), кој се одржува оваа недела.

Како што објави „Ју-ес-еј тудеј“, поддршката за Трамп во голема мера е непроменета и после вториот процес за негов импичмент во Сенатот. Од анкетата се дознава дека 59 отсто од избирачите републиканци изјавиле дека ќе го поддржат на избори за претседател, 46 отсто се подготвени да ја поддржат неговата партија, ако тој ја создаде, а 27 отсто изјавиле дека нема да ја сменат партијата.

Половина од републиканските избирачи сметаат дека партијата треба да биде полојална кон Трамп, дури и цената за тоа да биде изгубена поддршка од влијателните републиканци во Вашингтон. Со тоа не се согласува секој петти анкетиран, или 19 отсто, кои сметаат дека партијата треба да биде помалку лојална кон Трамп, а поблиска со влијателните републиканци.

Удар врз предавниците

Избирачите на Трамп се подготвени да го казнат секој политичар што го предал. Осуммина од 10 изјавиле дека најверојатно не би гласале за републикански политичар што поддржал импичмент на Трамп, а тоа го направија десетмина конгресмени во Претставничкиот дом.

Иако мнозинство од сенаторите гласаа за негова осуда на вториот суд за импичмент на Трамп, или 57 наспроти 43, кај законодавците немаше двотретинско мнозинство за осуда, па Трамп беше ослободен од обвинувањата на 13 февруари.

Весникот тврди дека во Републиканската партија моментално се водат внатрешни прегрупирања. Борбата се води меѓу Мич Меконел, искусен републикански лидер и предводник на малцинството во Сенатот на едната страна, и Трамп на другата.

Трамп најави негово враќање во политиката

Дел од поддржувачите на поранешниот американски претседател за весникот коментираат дека тој и не треба да создава своја партија, туку само да се врати во Вашингтон и да ја преземе Републиканската партија, како што тоа го направи во 2016 година. Тие сметаат дека избраните републиканци не се борат доволно за нивните интереси.

– А ние сите гледаме како Доналд Трамп се бори за нас најсилно колку што може секој ден. Републиканците во Вашингтон само се согласуваат со демократите и не покажуваат никаков отпор – смета Брендон Кејдл, сопственик на мал бизнис од Милвоки.

Поранешниот претседател најави дека ќе настапи на годинешната конференција на републиканците КПАК, в недела во Орландо, Флорида. На неа се очекува големо враќање на поранешниот претседател и најверојатно најава за негово учество во претседателската трка за изборите во 2024 година

Во анкетата учествувале околу илјада луѓе што гласале за време на изминатите избори. Маргината на грешка е 3 отсто, а анкетата била спроведена по телефон во периодот од 15 до 19 февруари.

Врховниот суд овозможи истрага за финансиите на Трамп

Врховниот суд на САД му дозволи на обвинителот во Њујорк да ги прибави даночните пријави и други финансиски податоци од Доналд Трамп како дел од кривичната истрага, што претставува удар врз барањата на поранешниот претседател да ги скрие деталите за своите финансии.

Судиите го отфрлија барањето на Трамп да се стави на чекање одлуката на нижиот суд од 7 октомври со која на поранешната сметководствена фирма на поранешниот претседател „Мазар УСА“ ѝ се наложува да се придржува до наредбата за предавање на материјалот на големата порота, свикана од адвокатот на округот Менхетен, Сајрус Венс.

За разлика од претходните американски претседатели, Трамп одби да ги објави своите даночни пријави за време на својот четиригодишен мандат.

Врховниот суд, исто така, се согласи да ја испита законитоста на едно од строгите правила за имиграција донесено од поранешниот претседател, што ги оневозможува да добијат легален престој имигрантите за кои се смета дека ќе бараат владини бенефиции.

Претседателот Џо Бајден, кој го критикуваше имиграцискиот пристап на Трамп, се очекува да го отфрли правилото за таканаречената „јавна наплата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот