Република Српска како против тег за косовската независност

epa07461294 President of Serbia Aleksandar Vucic (R) and member of presidency of Bosnia Milorad Dodik (L) during the ceremony marking the 20th anniversary of the NATO bombing campaign of the former Yugoslavia in the center of Nis, Serbia, 24 March 2019. NATO started bombing Yugoslavia on 24 March 1999 during the Kosovo War. Hundreds of civilians were killed in the first bombing that NATO ever carried out without an approval by the UN Security Council. The operation Allied Force was aimed at ending military action, violence and repressive activities by the Milosevic government. EPA-EFE/DJORDJE SAVIC

Милорад Додик и Александар Вучиќ го повлекоа својот потег во геополитичката партија шах, каде крајот на играта треба да ги дефинира и границите на земјите од поранешна Југославија. Со заклучоците на Собранието на Република Српска од средата се отвара патот за прогласување на независност на Република Српска од Босна и Херцеговина.

Иако таа можност не е експлицитно наведена во заклучоците, намерата е јасна со формулацијата: “Време е БиХ со двата свои ентитета и трите конститутивни народи да преземе одговорност за сопствениот развој во рамки на Дејтонскиот договор и меѓународното право и ако тоа не биде на дневен ред во скоро време, треба да се почнат преговори за мирно разидување“.

Одлуката на Собранието од Бања Лука наиде на експресен одговор на гарантите на Дејтонскиот договор во БиХ, aмбасадите на Франција, на Германија, на Италија, на Велика Британија и на САД, како и специјалниот претставник на Европската Унија во Сараево, во заедничко соопштение кажаа дека: “Повторно ги изразуваме нашите определби за територијалниот интегритет и фундаментална структура на БиХ како единствена и суверена држава со два ентитета кои немаат право на отцепување”.

Меѓународната зедница вака тврдо одговара на пораките на Додик и Вучиќ со што го реафирмира својот досегашен став дека компензацијата на Република Српска за Косово не е во игра. Сепак формалните ставови и соопштенија на светските и регионалните играчи не се секогаш исти со реал политиката и потезите кои потоа се влечат на теренот.

Јасно е дека меѓународната заедница суштински не сака поделба на Босна и Херцеговина бидејќи тоа би било отварање на пандорината кутија и за други балкански држави, (меѓу кои е и Македонија).

Но евентуалната одлука за отцепување на Република Српска би предизвикало сериозна дестабилизација на регионот. Освен евентуалната нова војна ентитетска војна во БиХ, во тој конфликт речиси извесно би било и инволвирање на Србија од една и Хрватска од друга страна во конфликтот. Тоа би значело разгорување на нова босанска војна, што би значело кошмарно сценарио за Брисел, кој се бори со проблемите во самата Унија и нова балканска војна е последна работа која би требала на ЕУ сега.

Таков развој на настаните би бил лош и за американската стратегија за стабилизација на Југоисточна Европа и Јужното крило на НАТО, а за разлика од војната во БиХ во 90-тите сега во евентуален конфликт би учествувала и една членка на НАТО (Хрватска), што дополнително би предизвикало нестабилност и во самата алијанса. Се разбира дека овие анализи се многу добро познати на Додик и Вучиќ и затоа тие ја активираат својата “атомска бомба” во интензивирањето на косовските преговори.

“Босанската закана” доаѓа веднаш после фамозната честитка на Џо Бајден за српската државност која беше “зачинета” со порака за признавање на Косово од страна на Србија. Од тогаш во неколку наврати српскиот претседател Вучиќ кажа дека следува “тежок период за Србија” во однос на косовското прашање. Србија во последните месеци отвори дебата и за враќање на служењето на воениот рок во земјата, што воопшто не е случајно, и доколку тоа се случи, тоа повеќекратно ќе ги зголеми потенцијалите на српските вооружени сили.

Од друга страна, после првичните изјави за “правото на спојување на Косово и Албанија” од страна на новиот косовски премиер Албин Курти, следуваше изјава со помирен тон во која Курти кажа дека “тоа сепак не е можно според сегашниот косовски устав”.

Тој став на Курти следуваше после жестоките американски реакции на тезите за создавање на Голема Албанија, но и директните обвинувања на екс-амбасадорот на Трамп за Косово, Ричард Гренел кон Курти за антиамериканизам и работење против интересите на Косово. Јасно е дека 2021 ќе биде година во која преговорите околу Косово треба да добијат на интензитет, а како тоа се случува така се интензивираат и стратегиите на регионалните и светските играчи околу решавањето на косовскиот проблем.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот