Репортажа низ погоните на „Макстил“: Железото никогаш не умира, а нова форма добива во Скопје

Фото: Макстил

Сè што е направено од железо може да се рециклира и нешто ново повторно да се направи. Од железото речиси и да нема отпад. „Макстил“ не произведува железо од руда, тоа е сосема друга технологија, а најмногу старо железо откупува од Србија

Камиони, главно од Србија, преполни со делови од сè и сешто, но направено од железо, влегуваат во огромниот фабрички комплекс на „Макстил“. Железото се трупа и прави ритче пред фабричката хала, од каде со „џиновската канџа“ на специјализираната машина, влегува во погонот за негово пречистување, конфекционирање и подготовка за влез во печката каде што ќе се топи.

Фото: Макстил

На ова место почна и прошетката за новинарите низ погоните на „Макстил“, значаен индустриски капацитет во државата.

– Железото никогаш не умира. Сè што е направено од железо може да се рециклира и нешто ново повторно да се направи. Од железото речиси и да нема отпад. „Макстил“ не произведува железо од руда, тоа е сосема друга технологија… Најмногу старо железо откупуваме од Србија, а откупуваме и дома од лиценцирани отпади за старо железо – објаснува Димитар Цветковски, претседател на Одборот на директори.

Фото: Макстил

Од минималниот отпад од производствениот процес што со години се собира од „Макстил“, сепак се создало брдо од троска – материјал од кој може да се градат и автопати, но сепак никој не го купува. Но, затоа фабриката успева да ја продаде прашината од филтерот (кој всушност е цела зграда – постројка за филтрирање). Стручњаците од „Макстил“ велат дека прашината е богата за обоени метали и дека има земји што прават нивна екстракција.

Фото: Макстил

Се упатуваме во друга фабричка хала – таму е челичарницата. Во еден дел се гледа силна светлина, нешто како вулканска лава, од каде што се шири топлина. Тоа е печката каде што сите железни предмети, исечени во соодветна големина, се претворат во течно железо.

– Може да стопиме и локомотива, но секако не може да влезе целата туку треба да биде соодветно конфекционирана – објаснува Цветковски.

Фото: Макстил

Процесот се одвива на температура од 1.800 Целзиусови степени. Имавме можност да го видиме и ладењето, кога спојот на вжареното железо со студената вода, создава облаци со водена пареа.

Финализирањето на процесот се одвива во друга огромна хала – валалница, каде железните блокови создадени од стариот отпад се претвораат во лим. Голем дел од тој лим потоа ќе биде дел од многубројни бродови што ќе пловат насекаде низ светот, но ќе имаат и друга примена.

Фото: Макстил

Во овие фабрички хали не може да се видат многу работници, процесот е главно автоматизиран. Секако, никој не може да седи долго покрај казанот каде се топи железото, ниту пак рачно да ги крева огромните железни блокови. Но, еден од вработените постојано сече кај дебелите железни блокови… Од „Макстил“ потенцираат дека постојано вложуваат во развојот и во унапредувањето на работната средина за вработените, како и за нивната безбедност.

– Континуирано ја продлабочуваме и соработката со средните стручни училишта и со високообразовните институции. Во компанијата, пак, во континуитет има околу 1.000 вработени – објаснуваат од компанијата.

Фото: Макстил

„Макстил“ минатата година произвел 314.508 тони слабови и 273.983 тони лимови. Најголем дел од производството, односно 61 отсто оди во ЕУ, Турција е исто голем пазар каде што оди 21 отсто од производството. Во другите европски земји патува 11 отсто од нашето железо, а домашни компании прават 7 отсто на количините.

Фото: Макстил

По „Фени“, „Макстил“ е најголемиот корисник на струја и е компанија која е најголемиот корисник на струја, секако по „ТЕ-ТО“ која всушност произведува струја од гасот.

Видео на денот