РЕПОРТАЖА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“: Израел – чудесна земја! (ФОТО+ВИДЕО)

Израел е чудна и чудесна земја. Современа и ориентална во исто време, модерна и рурална. Во неа се испреплетува сегашноста, но и минатото на човештвото. Ветена држава на Евреите, но во која живеат десетина други етнички заедници и религиски групи.

Фото: Слободен печат

Во Израел доаѓале, владееле и заминувале еврејски и вавилонски кралеви, проповедале пророци од сите религии, управувале Темплари и Турци, Персијци и Римјани, администрирале Англичани и Французи, доминираат Американците.

Јафа е дел од Тел Авив и е старо пристаниште на Медитеранот. По двегодишни борби меѓу Евреите и Арапите, во 1950 година еврејскиот Тел Авив и арапскиот Јафа се обединуваат во Тел Авив-Јафа локална заедница.

Фото: Слободен печат

Ерусалим е посебна приказна. Таму секое место е свето. Ерусалим е најсветиот град во јудеизмот и претставувал најголем духовен центар на Евреите во 10 век п.н.е. Тој исто така претставува трет најсвет град во исламот по Мека и Медина, а е свет град и за христијанството. Во него се наоѓаат: Западниот ѕид или Ѕидот на плачот за јудаизмот, џамијата Ал Акса со златната купола за исламот и Светиот гроб за христијанството. Инаку клучот од гробот на Исус со векови го чува претставник на исламот, затоа што христијаните не можат да се договорат кој да биде главен.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Назарет е најголемиот град во северниот дел на Израел. Познат како „арапски главен град на Израел“, брои околу 80.000 жители од кои 70 проценти се муслимани, претежно арапски граѓани на Израел, а 30- тина проценти се христијани. Евреите во 1974 година си градат свој град веднаш до стариот и го нарекуваат Назарет Илит.

Во Новиот Завет, градот се опишува како градот на детството на Исус и како таков е центар на христијанско аџилаштво, со многу светилишта со кои се одбележуваат библиски настани.

Фото: Слободен печат

Да не заборавиме дека Израел е поделена земја. Од едната страна живеат Евреите со израелските арапи и сите други етнички заедници и од друга страна се Палестинците кои имаат своја самоуправа во т.н. Источен брег, и посебен дел во појасот Газа.

Ако сакате да одите во Витлеем на пример, во родното место на Исус, мора да поминете низ контролен пункт на проверка. Но потоа внатре сè е нормално и безбедно.

Фото: Слободен печат

Израел е претежно пустинска земја. Возејќи се низ патиштата ќе забележите такви пусти места на кои не би помислиле дека некој може да живее. Но умните Евреи на секое ритче изградиле населба, додека рамнините ги користат за обработливи површини.

Во израелската пустина Израел успева да произведе речиси 90% од сопствените потреби за храна, а во последниве години се наметнува и како еден од поголемите извозници на зеленчук и овошје.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Животот во градовите без разлика на етничката доминација е ориентален и потсетува на нашиот Бит- пазар и Старата скопска чаршија.

Фото: Слободен печат

Она што е различно е дека и во обична кебапчилница е изгор скапо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот